Поранешни функционери на Фед: покачување на каматните стапки е неопходно поради влошените инфлациски ризици

Американските Федерални резерви треба да ги покачат каматните стапки, сметаат мнозинството поранешни гувернери, регионални претседатели и вработени во централната банка, според анкета на Универзитетот Дјук опфатила 32 поранешни функционери. Од нив, 29 се изјасниле за покачување на стапките, двајца не одговориле, а еден сметал дека Фед треба да ја задржи сегашната политика.
„Кредибилитетот на Фед и на новиот претседател е на коцка“, изјавил еден поранешен функционер. Друг учесник во анкетата посочил дека повеќе не е уверен оти инфлацијата мерена преку индексот PCE ќе се врати на два процента во следната година или две без покачување на каматните стапки.
Друг анкетиран функционер потсетил дека на почетокот од годината постоела надеж оти инфлацијата ќе се приближи кон целта од два процента во рок од една до две години, но дека тоа сега изгледа помалку веројатно. Иако дел од ефектите на царините и на недостигот предизвикан од војната може да се манифестираат како еднократни промени на нивото на цените со привремени инфлациски последици, тешко е да се има голема доверба во тоа, оценил тој. Според него, значително е можно инфлацијата да порасне на подолг рок.
Ниту еден од анкетираните не поддржал намалување на каматните стапки, што го бара американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, учесниците во анкетата не сметаат дека се потребни драстично високи покачувања за справување со инфлацискиот предизвик.