Полска во Собранието ја повтори поддршката за евроинтеграциите на Македонија

Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска денеска во Собранието одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња, и делегацијата што го придружува, на која беше потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата присуствувале претседателката на Групата за соработка, Даниела Николова, и членовите Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска. Николова им посакала добредојде на Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакнала добрите и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.
Потпретседателот на полскиот Сејм се заблагодарил за топлиот прием и ја потврдил поддршката на Полска за евроинтегративниот пат на Македонија. Тој посочил дека Полска има значајно искуство во надминувањето предизвици и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе бидат надминати и отворените прашања со Бугарија.
Соговорниците ја оцениле досегашната соработка меѓу двете земји во областите на економијата, туризмот и образованието и ја нагласиле потребата од нејзино проширување во повеќе сектори. Притоа, било посочено дека соработката треба да се развива не само на билатерално ниво, туку и преку работата на парламентарните тела и комисии, кои претставуваат важен дел од парламентарната демократија.
Поддршката за европските интеграции на Македонија ја потврдил и Томаш Глоговски, претседател на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот парламент. Тој истакнал дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата на патот кон Европската Унија и изразил надеж дека во блиска иднина ќе биде пронајдено заемно прифатливо решение.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдиле подготвеноста за продолжување на соработката преку поинтензивни контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.