FinPortal.mk

Поголема излезност во Брвеница во вториот круг — до 9 часот гласале 3,98 отсто од избирачите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Поголема излезност во Брвеница во вториот круг — до 9 часот гласале 3,98 отсто од избирачите

Во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, до 9 часот своето право на глас го оствариле 646 граѓани, што претставува излезност од 3,98 отсто од запишаните избирачи. Овие податоци ги соопшти портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска-Алексовска, на денешната прес-конференција.

Според првиот пресек на податоците пристигнати во ДИК, одзивот на гласачите во вториот круг е зголемен за 1,52 процентни поени во споредба со првиот круг од изборите, одржан на 18 октомври. Тогаш, до 9 часот гласале 400 граѓани, односно 2,46 отсто од запишаните избирачи.

Најголема излезност до 9 часот е регистрирана на избирачкото место 2037, каде што гласале 8,7 отсто од избирачите, додека најмала излезност има на избирачкото место 2048, со 1,25 отсто.

Портпаролката на ДИК информираше дека гласањето започнало во 7 часот и дека сите избирачки места биле навремено отворени. Засега, како што посочи, изборниот процес се одвива во мирна атмосфера.

На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, граѓаните избираат меѓу двајца кандидати, а право на глас имаат вкупно 16.256 избирачи, кои гласаат на 24 избирачки места.

Од ДИК потсетуваат дека за граѓаните и во вториот круг е достапна бесплатната телефонска линија 0800 555 44, на која можат да добијат информации за прашања поврзани со остварувањето на избирачкото право. За лицата со оштетен слух, пак, достапен е телефонскиот број 076 488 360, на кој преку видеоповик можат да добијат информации на знаковен јазик.

Од Комисијата најавија дека јавноста редовно ќе биде информирана за текот на гласањето и излезноста преку прес-конференции и соопштенија. Следната прес-конференција е најавена за 11:30 часот во Брвеница, во општинската зграда каде што е сместена и Општинската изборна комисија.