По девет години работа, Националната конвенција за ЕУ ја затвори платформата со 700 препораки до институциите
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Со завршната 75. дијалог-сесија на тема „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија: од „Темелите“ и пошироко“, Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) го заокружи деветгодишниот циклус на структуриран дијалог посветен на реформите поврзани со европската интеграција. Сесијата се одржа денеска во Клубот на пратеници, а на неа учествуваа претставници на институциите, судството, обвинителството, граѓанскиот сектор, академската заедница и експертската јавност. Централна тема на завршниот дијалог беа реформските предизвици во Кластерот 1 – „Темели“, со посебен фокус на владеењето на правото, правосудството, безбедноста и борбата против корупцијата. Токму преку ваквиот формат, како што беше оценето на сесијата, европските реформи се разгледуваа низ аргументирана експертска дебата и конкретни препораки, наместо низ еднострани политички пораки. Во изминатите девет години, НКЕУ-МК изгради широка платформа за дијалог меѓу институциите и граѓанското општество. Во работата на Конвенцијата учествуваа повеќе од 3.000 учесници, а до надлежните институции беа упатени повеќе од 700 препораки, чие спроведување беше предмет на континуирано следење. Токму континуираното следење на препораките беше посочено како клучен елемент што ја разликува оваа платформа од вообичаените еднократни консултации. На отворањето на завршната сесија се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој испрати силна порака дека крајната цел на евроинтегративниот процес е Македонија да биде подобро место за живеење. „Македонија да ја направиме европска, во која граѓаните ќе живеат европски“, изјави Тошковски. Тоа, рече министерот, може да се постигне ако секоја институција, секоја организација, секој поединец и сите заедно ги засукаме ракавите и почнеме да работиме со конкретни и лични примери, секој во рамките на својот делокруг. Тошковски притоа оцени дека заедничките дебати како оние што се вод