Петрушевски: Филипче не може реално да расудува поради криминалните тендери и илјадниците жртви во короната

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска остро го нападна поранешниот министер за здравство Венко Филипче, оценувајќи дека тој не може реално да расудува за ниту едно прашање поради, како што рече, багажот од криминални тендери и илјадниците починати граѓани за време на корона-кризата. Според Петрушевски, Филипче нема морален кредибилитет да зборува за правата на граѓаните, а уште помалку да се грижи за работниците и минималната плата.
„На Венко Филипче, како главен во талогот на СДС, откако направи низа на криминали му текна да се грижи за работниците и минимална плата. И секако, Филипче како специјализиран за криминал заедно со неговиот учител, Зоран Заев, и партиски другар се противи на се што значи економски раст и економски напредок. Се противи на секаков вид инвестиција, на се што ќе придонесе за реално минималната плата да се зголеми. Но, што знае Филипче за реално покачување на минималната плата. Ништо“, изјави Петрушевски.
Тој потсети дека за време на владата на СДС, додека Филипче бил министер за здравство, биле спроведувани сомнителни тендери во здравствениот систем, меѓу кои го издвои тендерот за набавка на вакцини, како и сомнителните проекти за клиничкиот центар во Скопје. Петрушевски го обвини Филипче и дека имал намера неколку области во здравството да ги приватизира.
„Дополнително, на негово конто се десеттина илјади починати во корона кризата, 14 пациенти кои живи изгореа во модуларната болница во Тетово. Филипче по сето ова, многу е јасно дека не може реално да расудува, не може да носи реални одлуки. Затоа, на Филипче му останува само да глуми грижа за граѓаните. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува за грижата за секој еден граѓанин преку помагање на локални проекти, носење на инвестиции, подобрување на економската ситуација“, рече Петрушевски.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, токму поради ваквото минато на Филипче, тој не е во позиција да дава реални оценки за економските политики на актуелната власт, туку неговата улога се сведува само на глумење грижа за граѓаните. Петрушевски ја истакна посветеноста на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за подобрување на економската состојба преку поддршка на локални проекти, привлекување инвестиции и грижа за секој граѓанин.