Петрушевски: Филипче и СДСМ создаваат паника за близок бизнисмен да ја купи Алта банка по ниска цена

Заменик генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Бране Петрушевски денеска на прес-конференција обвини дека Венко Филипче и СДСМ, со притисокот врз Народната банка на Република Македонија и врз Алта банка, создаваат терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска цена.
Според Петрушевски, откриен е планот на Филипче и СДСМ и она што со месеци го правеле не било поради некаков „српски свет“, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев. Тој тврди дека целта на Филипче и СДСМ во случајот со Алта банка е да создадат паника и хаос во банкарскиот свет, дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, за утреден близок бизнисмен до Филипче и до Заев да ги откупи акциите за багателна цена.
Како еден од неколкуте докази што ја поткрепуваат таа теза, Петрушевски ја наведе вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДСМ Александар Димитријевиќ, кој побара ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на корисниците на Алта банка. Според Петрушевски, со тоа Димитријевиќ прави кривично дело според член 315 од Казнениот законик.
Тој порача дека освен криминал, пари и корупција, СДСМ и Филипче ништо друго не ги интересира и им порача на граѓаните да бидат спокојни. „Се додека премиер е претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат“, рече пратеникот Петрушевски.
Обвинувањата доаѓаат во период кога случајот со Алта банка е во фокусот на јавноста, а Петрушевски тврди дека притисокот врз НБРМ и врз банката има јасна цел — создавање услови за откуп на акции по ниска цена од страна на бизнисмен близок до раководството на СДСМ.