Петровска разрешена од заменик-координаторка на пратеничката група на СДСМ: „Заканите нема да ме скротат“ (mvm30fkh)
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска е разрешена од функцијата заменик-координаторка на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата во Собранието. Одлуката за разрешување ја соопштило раководството на партијата, а Петровска за неа дознала денеска на координација во законодавниот дом на која присуствувал и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Во гостување на 4ТВ, Петровска изјави дека не ѝ била посочена конкретна причина за разрешувањето, бидејќи, како што нагласи, во досегашната работа како пратеник не ѝ биле укажани сериозни забелешки. Таа посочи дека очекувала да добие образложение, односно објаснување за одлуката, но дека не е изненадена, зашто во изминатиот период се уверила дека во рамки на најтесното раководство на партијата се помалку има демократски капацитет за дискусија. „Денеска беше соопштена одлуката и беше побарано да се испрати известување од сите членови на пратеничката група од СДСМ и коалицијата. Бидејќи сум директно засегната, меѓу првите реков дека апсолутно немам никаков проблем со тоа. Во политиката и во СДСМ не влегов заради функции и заради остварување на лични цели и амбиции. Влегов заради идеологија. И тоа е така и така и ќе остане. Функциите се минливи. Секогаш кога една функција ќе заврши, следната која ме чека е многу повисока“, изјави Петровска. Пратеничката раскажа и како ја примила веста за разрешувањето, нагласувајќи дека на колегите им порачала да не чувствуваат тежина кога ќе се потпише одлуката. „Кога одлуката ја носат луѓе што забегале од социјалдемократијата, можам да кажам дека таа е признание за мојот борбен дух и дека ништо и никакви закани не можат да ме скротат да го направам тоа во кое што вистински верувам, а тоа се реформите и промените за подобро“, додаде таа. На прашањето што ќе значи оваа одлука за нејзината работа во Собранието како пратеник, Петровска посочи дека останува во рамките на пратеничката група на СДСМ. Таа претпоставува дека причина за ваква