Петровска бара оставка од Славески: „Вашата плата ќе легне цела, а граѓаните ги земаат своите пари на рати

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Пратеничката Славјанка Петровска побара личен отчет од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради ограничувањето на користењето средства од сметките на граѓаните во Алта банка. Таа порача дека, доколку потфрлил во заштитата на граѓаните, треба да поднесе оставка. „Славески, Вашата плата ќе легне цела. Граѓаните од Алта банка ќе си ги земаат сопствените пари на рати, по 10.000 денари неделно!“, напиша Петровска во објавата на социјалните мрежи. Таа прашува како засегнатите граѓани со ваквото ограничување ќе плаќаат лекување, кирија, сметки и храна за своите деца. „Кој трошок да го одложат додека Вие ја ‘следите состојбата’?“, прашува Петровска. Според неа, клиентите не направиле ништо погрешно — работеле, штеделе и ѝ верувале на банка со дозвола за работа, очекувајќи институциите навреме да ги проверуваат ризиците. Петровска побара Славески да објасни какви проверки претходеле на одобрувањето на преземањето на банката, што покажувал надзорот и како се стигнало до ограничување на пристапот до парите. „Ако сте потфрлиле, поднесете оставка. Вашата функција носи одговорност и кога треба да се заштитат граѓаните“, порача таа. Пратеничката побара и јасен одговор до кога ќе трае ограничувањето и како на клиентите ќе им биде овозможено да ги покриваат неодложните трошоци. Најави дека одговори ќе бара и во Собранието. „Вашите заштеди се години работа и откажување. Не сте должни да плаќате за туѓи пропусти“, им порача Петровска на засегнатите граѓани. Народната банка, пак, соопшти дека воведената администрација е привремена мерка за заштита на имотот на банката и интересите на штедачите. Неделниот лимит од 10.000 денари се однесува на одливот од сметките на физичките лица преку картичките, додека интерните плаќања меѓу сметки во банката остануваат без ограничување. Од централната банка наведуваат дека Алта банка Битола е ликвидна и високо капитализирана.

Петровска бара оставка од Славески: „Вашата плата ќе легне цела, а граѓаните ги земаат своите пари на рати | FinPortal.mk

Пратеничката Славјанка Петровска побара личен отчет од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради ограничувањето на користењето средства од сметките