FinPortal.mk

Петров: Младите се силата, но како општество сме можеле многу повеќе

FinPortal.mk  · 
Петров: Младите се силата, но како општество сме можеле многу повеќе

Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборуваше за сопствената политичка одговорност, за периодот кога бил дел од Социјалдемократскиот сојуз и за пропустите што, според него, биле направени во минатото. Одговарајќи на прашањето дали тогашните функционери имаат дел од одговорноста за состојбите во земјата, Петров посочи дека никогаш не бил член на влада, туку бил пратеник во опозиција и градоначалник.

„Јас никогаш не сум бил дел од влада. Владата е носител на работите. Меѓутоа, сум бил член на парламентот, но во опозиција“, рече Петров. Тој се осврна и на периодот кога ја извршувал градоначалничката функција, нагласувајќи дека е задоволен од постигнатото во тој период и дека, како што рече, тоа мислење го дели и дел од граѓаните на Карпош. Сепак, Петров признава дека во областите во кои бил директно вклучен како функционер, можело да се направи повеќе.

„Мислам дека сме можеле многу подобро во некоја област. Сме можеле многу повеќе да направиме“, рече тој. Како една од работите за кои денес има најголемо жалење, Петров го издвојува односот кон младите и недоволното отворање простор за нивно напредување и преземање одговорност.

„Можеле повеќе да покажеме дека младите се силата, дека квалитетот треба да се форсира“, истакна Петров. Според него, токму недоволното вклучување на младите и квалитетните кадри не е само партиски, туку и поширок општествен проблем. Тој посочи на иселувањето на образовани и способни луѓе, кои, како што рече, не гледаат перспектива во земјата.

Петров оцени дека дополнителен проблем претставува и перцепцијата на политиката кај дел од граѓаните, особено кај младите. „Луѓе кои не сакаат да останат тука, луѓе кои не сакаат да чујат што политиката се занимава, затоа што ја сметаат за нешто валкано“, рече Петров. Тој додаде дека постои перцепција оти политиката ја користат одредени луѓе за лична корист и акумулација на капитал, оценувајќи дека таквата слика мора да се промени.

Во тој контекст, Петров објасни дека групата со која ја започнале иницијативата разговара со поширок круг на општествени актери, меѓу кои интелектуалци и професори, со цел во процесот да се вклучуваат сè повеќе луѓе. „Тоа нема да застане. Не велиме дека сме дошле, не сме дошле ни до половина од патот“, рече Петров. Тој најави дека процесот ќе продолжи и дека иницијаторите очекуваат поширока трансформација.