Петкоска: Авионските пристигнувања во Македонија пораснале за 40 отсто во првиот квартал
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на денешната собраниска седница изјави дека туризмот во Македонија бележи раст и дека инвестициите во инфраструктурата, авиосообраќајот и туристичката понуда можат да придонесат за локалниот економски развој. Таа се повика на извештајот „Tourism Watch“ на Светската банка од јуни 2026 година, според кој Македонија во првиот квартал од 2026 година забележала раст од 40 отсто на авионските пристигнувања во споредба со истиот период претходната година. Според истиот извештај, во првиот квартал туристичките пристигнувања пораснале за 6,9 отсто. Петкоска, повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика, посочи и дека бројот на туристи во 2024 година бил зголемен за 8 отсто во споредба со 2023 година. Таа додаде дека во првите пет месеци од 2026 година аеродромите во Скопје и Охрид забележале раст од 31,2 отсто на патничкиот сообраќај, со вкупно повеќе од 1,58 милиони патници. Според неа, овие резултати укажуваат на поголема поврзаност со европските дестинации и отвораат нови можности за хотелите, рестораните и семејните бизниси. Петкоска нагласи дека развојот на туризмот треба да се поврзе со подобра патна и железничка инфраструктура, инвестиции во животната средина и поддршка за малите бизниси. Како туристички места со потенцијал за понатамошен развој ги посочи Охрид, Струга, Преспа, Маврово, Крушево, Берово и Дојран, додавајќи дека придобивките од туризмот се чувствуваат и кај рестораните, превозниците, занаетчиите, земјоделците и локалните производители. „Преку инвестициите во инфраструктурата, отворањето нови авиолинии и поддршката за туристичката понуда, економскиот раст се претвора во можност за граѓаните. Тоа е развој што се мери, а не само се ветува“, изјави Петкоска на собраниската седница.