Пензиите во Македонија пред една деценија и денес: минималната порасна за 176 отсто, јазот меѓу најниската и највисоката се намали

Пред точно десет години, во септември 2016 година, најниската пензија во Македонија изнесувала само 7.783 денари. Денес, според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, таа бројка е далеку поголема — во август годинава најниската пензија изнесувала 20.888 денари, а со септемвриското усогласување од 3 отсто се проценува дека достигнала 21.515 денари. Тоа значи дека за една деценија минималната пензија е зголемена за 13.372 денари, односно за 176,4 отсто.
Податоците за пензиите за септември годинава сè уште не се официјално објавени, но анализата на движењето на исплатите открива јасна слика за тоа како се менувал стандардот на пензионерите во изминатите десет години. Времепловот од пред една деценија нè носи и до просечната пензија, која тогаш изнесувала 13.106 денари. Денес таа изнесува 28.891 денар, што претставува раст од 120,4 отсто. Највисоките пензии, пак, во септември 2016 година изнесувале 38.394 денари, а со септемвриското усогласување годинава се проценува дека достигнале 97.162 денари, што е зголемување од 153,1 отсто.
Од бројките произлегува дека минималната пензија бележи најголем релативен раст во споредба со просечната и максималната пензија. Додека минималната пораснала за 176,4 отсто, просечната пензија се зголемила за 120,4 отсто, а максималната за 153,1 отсто. Истовремено, бројот на пензионерите во земјава се зголемил за 46.651 лице, односно за 15,4 отсто, што дополнително го оптоварува пензискиот систем.
Најголемите корекции на пензиите се случија со линеарното зголемување од вкупно 7.000 денари во периодот од март 2024 до март 2026 година. Линеарното зголемување, чија цел беше да се подобри животниот стандард на луѓето со најниски пензии, беше и изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, но со помал износ од 5.000 денари, кој потоа беше зголемен со оглед на инфлацијата како дополнителна заштита на најранливите категории на пензионери.
Во време на линеарното зголемување беа направени и законски измени со кои се изземаа редовните законски усогласувања што се прават двапати годишно, во септември и во март, кога пензиите се индексираат — 50 отсто со раст на просечната нето-плата и 50 отсто со инфлацијата, пресметано полугодие во однос на претходното полугодие. Линеарното зголемување им помогна на корисниците на пониски пензии, додека оние со високи пензии добија помалку пари отколку што би добиле ако усогласувањето се правеше според законската формула.
Со сите овие корекции значително се намали јазот меѓу најниските и највисоките пензии. Пред десет години највисоката пензија беше 4,93 пати поголема од најниската пензија, додека сега тој сооднос изнесува 4,52 пати. Ова покажува дека политиката на линеарно зголемување, иако не ги изедначи пензиите, сепак придонесе за намалување на разликата меѓу оние кои примаат најмалку и оние кои примаат најмногу.
Сепак, останува отворено прашањето како овие промени се одразуваат на реалната куповна моќ на пензионерите, особено ако се земе предвид инфлацијата во изминатата деценија. Иако номиналниот раст на пензиите е значителен, особено кај минималната пензија, секојдневните трошоци за храна, енергија и здравствени услуги исто така пораснаа во истиот период. Податоците за септември годинава, кои сè уште не се објавени, ќе дадат поцелосна слика за тоа каде се наоѓаат пензионерите денес во споредба со пред една деценија.