Пентагон: Државата не треба да купува акции во технолошките гиганти
Висок функционер на Пентагон изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не треба да бара национализација или преземање државни удели во компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција. Емил Мајкл, главен технолошки директор на Министерството за одбрана, во гостување на CNBC изјави дека не би сакал да се оствари такво сценарио.
На прашањето за можноста за делумно државно сопствеништво во компаниите за вештачка интелигенција, Мајкл одговори: „Се надевам дека не.“ Тој нагласи дека САД не сакаат државата да се вплеткува во тој сектор, оценувајќи дека национализацијата не би поминала добро, имајќи предвид дека американските лидери во вештачката интелигенција се меѓу најголемите компании во историјата на светот.
Иако администрацијата на Трамп често предупредува за опасностите од голема држава и социјализам, таа веќе зеде удели во низа приватни компании. Меѓу нив се удел од 10 отсто во „Интел“ и „златна акција“ во „Ју-Ес стил“, кој сега е подружница на „Нипон стил“.
Мајкл повеќепати изрази противење на засилување на државниот регулаторен надзор врз технолошките компании, дури и откако лидери во индустријата, како извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, предупредија дека развојот на моделите што брзо напредуваат треба да се забави за да се намалат ризиците. Според Мајкл, постои тензија меѓу оние што сакаат однапред да регулираат, како Европа, и оние што сакаат компаниите да одговараат за развој на безбедни производи.
Тој призна дека неодамнешниот случај на хакерски напад врз „Хагинг фејс“ преку вештачка интелигенција е загрижувачки, но додаде дека не знае која регулатива би го спречила тоа. Истовремено оцени дека би било опасно целата доверба да се стави во рацете на неколкумина челници во секторот за вештачка интелигенција. Мајкл рече дека ќе се осигура дека сите закони ќе се спроведуваат, потсетувајќи дека веќе постојат многу закони од Федералната трговска комисија.
Трамп, чија администрација силно го поддржува брзиот развој на вештачката интелигенција и на дата-центрите, остро се спротивстави на барањата за забавување или поголема регулација, нарекувајќи ги тие предупредувања измама. Мајкл се согласи со Трамп дека постои координирана кампања за плашење на луѓето и донесување нерационални одлуки во корист на некои од постојните играчи во секторот. Тој предложи оние што развиваат нова технологија доброволно да запре со некои работи додека не најдат решение.