Пчели, утки, пафови и ежови на идните британски банкноти

Англиската банка соопшти дека на следната генерација банкноти ќе се најдат четири автохтони видови: пчелата, утката, пафот и ежот. Четворката е избрана по обемна консултација на јавноста, во која темата се сведе на диви животни, а граѓаните потоа избираа меѓу 18 понудени опции поделени во три категории.
Според резултатите од гласањето, најмногу гласови во групата инсекти, риби и водоземци добила пчелата, во категоријата птици победила утката, додека европскиот еж е прогласен за најдобар во групата цицачи. Атлантскиот паф е додаден за да се одбележи брегот на Британија, соопшти Банката.
Сè уште не е одлучено кој вид на која банкнота ќе се најде. Ликот на кралот Чарлс и понатаму ќе биде претставен на другата страна на банкнотите од 5, 10, 20 и 50 фунти, чиј дизајн, како што се наведува, се очекува да трае неколку години.
Викторија Клеланд, главен благајник на Банката, изјави дека е задоволна што речиси половина милион луѓе одговориле на консултацијата за дивиот свет, што покажува дека готовината сè уште е важна. Таа рече дека јавноста избрала четири различни и инспиративни животни кои не само што ја прикажуваат големата разновидност на дивиот свет во Обединетото Кралство туку и ќе ја подобрат безбедноста на банкнотите.
Меѓу видовите што не поминаа се ајкулата, обичната жаба и црвената лисица, која беше претставена во неодамнешниот документарец за дивиот Лондон, но од некои се смета за штетник. Атлантскиот паф, со својот препознатлив шарен клун, поголемиот дел од животот го поминува на море, а на брегот доаѓа во лето за да гнезди во дупки на островите покрај брегот. Бидејќи неговиот број опаѓа, птицата е класифицирана како ранлив вид на црвената листа на загрозени видови на Меѓународниот сојуз за заштита на природата.
Одлуката да се заменат историските личности на банкнотите, меѓу кои Винстон Черчил и Џејн Остин, предизвика реакции кога беше објавена во март. Лидерот на конзервативците ја нарече одлуката „глупава работа“ и рече дека апсолутно не ја поддржува, нејзиниот колега од Реформ УК ја опиша како „апсолутно луда“, а лидерот на либералдемократите во видео на социјалните мрежи со петфунташка во рака тврдеше дека Черчил заслужува подобро отколку да биде заменет со јазовец. Јазовецот не беше меѓу 18-те животни на кратката листа објавена во јуни, што предизвика реакција од здружението за заштита на животни, кое побара да бидат вклучени и помалку очигледно симпатични суштества.