Пазарите на обврзници предупредуваат: финансирањето на вештачката интелигенција и францускиот долг под притисок
Кредитните пазари испраќаат предупредувачки сигнали додека инвеститорите стануваат сè повнимателни кон ризиците од задолжување, објави CNBC. Притисокот не е ограничен само на компаниите поврзани со вештачката интелигенција — тој се протега и на државните финансии на Франција, чии трошоци за заштита од неисплаќање го надминаа нивото на Италија.
Според анализата на CNBC врз основа на податоци од FactSet, петгодишните распони на кредитни дефолт-свопови (CDS) се проширија за CoreWeave, Oracle и SoftBank Group, како и за Франција и Италија. Обврзниците поврзани со вештачката интелигенција се распродаваат додека пазарите го зголемуваат трошокот за капитал поради загриженост од затегнато финансирање. Извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, изјави за CNBC дека побарувачката за неоклауд услуги е „надвор од границите“, но предупреди на „недостиг на капитал“, додавајќи дека „побарувачката за капитал е многу поголема од неговата достапност“ и дека тоа „ќе се реши“.
Компаниите CoreWeave, Oracle и SoftBank се во срцето на изградбата на инфраструктурата за вештачка интелигенција, покривајќи дата-центри, облачни услуги и финансирање. Повисоките распони значат поскапа заштита од неисплаќање и можат да сигнализираат поголема загриженост за кредитната способност на должникот.
Франција не е во целосна должничка криза, но пазарите сигнализираат вознемиреност бидејќи трошокот за заштита од државен дефолт го надмина оној на Италија. Францускиот петгодишен CDS распон достигна 89,8 базни поени на 21 октомври, од 29,74 на 2 јануари, додека италијанскиот се искачи на 67,1 базен поен на 22 октомври, од 28,33 на 2 јануари. Германскиот распон исто така порасна, но остана далеку понизок — 12,15 базни поени на 22 октомври, наспроти 7,47 на почетокот на периодот.
Тиери Визман, глобален стратег за валути и каматни стапки во Macquarie Group, за CNBC посочи дека главните двигатели се големиот обем на француски државен долг (120 отсто од БДП) и неможноста да се намали дефицитот. За споредба, германскиот државен долг изнесува 65 отсто од БДП. Инвеститорите го следат и распонот меѓу француските и германските обврзници, кој се искачи на 1,6 процентни поени, а приносот на француските десетгодишни обврзници првпат од 2002 година го надмина 5 отсто. Бен Емонс, инвестициски директор на FedWatch Advisors, во својот текст на Substack оцени дека пазарите повеќе не сакаат да го преземат товарот на масовни капитални вложувања, висока задолженост и неизвесни идни парични текови. Франција на 23 октомври ја чека уште еден тест — Moody's треба да го ревидира нејзиниот суверен рејтинг Aa3.