FinPortal.mk

Партиската група „Разговори за иднината“ бара оставка од Филипче по изборниот резултат во Брвеница

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Партиската група „Разговори за иднината“ бара оставка од Филипче по изборниот резултат во Брвеница

Групата „Разговори за иднината во 12:05“ побара лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да го напушти раководството на партијата по изборниот резултат во Брвеница. Организаторите на оваа платформа тврдат дека партијата продолжува да губи поддршка и го обвинуваат Филипче дека со својата политика му обезбедува нови победи на ВМРО-ДПМНЕ.

Според соопштението на групата, СДСМ со Венко Филипче на чело се бетонира како петта партија во Скопје, а како четврта во Куманово и во Брвеница. Незадоволните социјалдемократи сметаат дека актуелното раководство ја води партијата кон нови порази и бараат оставка од партискиот лидер.

„Сите останати се борат да победат, само Филипче и фракцијата слават и кога губат. Четвртото место на СДСМ во Брвеница е директна одговорност на ова раководство на партијата“, се наведува во соопштението на групата.

Организаторите оценуваат дека раководството пропуштило можност за политички пресврт во предизборната кампања. Според нив, скандалите со Ива Михајлова и со Артан Груби можеле да бидат искористени за посилна опозициска борба.

„После скандалите со Ива Михајлова и Артан Груби, кои се случија за време на предизборната кампања, раководството на СДСМ имаше реална можност да направи пресврт. Но, наместо на терен вистински да се бори против власта, Венко Филипче секојдневно измислува нови лаги“, обвинуваат од групата.

Во соопштението се наведува и дека кандидатот на СДСМ во Брвеница, Јовица Радески, бил доведен пред свршен чин. Според организаторите, неколку истакнати членови претходно одбиле да ја прифатат кандидатурата.

„Другарот Јовица Радески беше доведен пред свршен чин откако претходно неколку истакнати членови не прифатиле кандидатура. Не сакаме да дозволат во вториот круг некој зад нивен грб да им ги пазари гласовите“, наведуваат тие.

Организаторите му честитаат на Радески за достоинствениот настап во кампањата, но истовремено оценуваат дека изборниот резултат покажува колку е ослабена поддршката за СДСМ.

„Жалиме што СДСМ во Брвеница има повеќе гласови само од двајца независни кандидати што е уште една потврда во каква агонија е партијата со ова дезориентирано раководство. Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025“, се наведува во соопштението.

Оваа реакција доаѓа по локалните избори во Брвеница, каде СДСМ го освои четвртото место, што според критичарите на раководството е показател за намалената доверба на гласачите во партијата. Групата „Разговори за иднината во 12:05“ смета дека ваквиот резултат е директна последица од политиката што ја води актуелното раководство и бара итна промена на партиското лидерство.