Папандреу: Европската Унија мора поактивно да помогне во решавањето на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија

Поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Папандреу, смета дека Европската Унија треба директно и поактивно да се вклучи во надминувањето на билатералните спорови на Балканот, меѓу кои и спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во ексклузивно обраќање за емисијата „Надворешна“ на МРТ, Папандреу порача дека е „вистинска трагедија“ што приклучувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија трае толку долго.
Папандреу е еден од клучните автори на познатата Солунска агенда, договорена на Самитот во Солун во 2003 година, кога Европската Унија за прв пат се обврза и даде ветување за европската иднина на сите држави од Западен Балкан. Коментирајќи го новиот документ на Европската комисија за проширувањето, тој оцени дека не смее да им се дозволи на земјите членки правото на вето да го користат против самиот европски процес.
Токму затоа, поранешниот грчки премиер ја повика Европската Унија директно да се вклучи во олеснување и помош за решавање и на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, но и на постоечките билатерални прашања на Балканот. „ЕУ треба да биде повеќе инволвирана и да помага. Ова не се однесува само за проблемот меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку мислам и на други членки од Западен Балкан, кои можат да се придружат, некои порано од други и уште да имате проблем – Косово, Србија, БиХ… ова се прашања каде ЕУ треба да има улога и коишто ако не се решат позитивно можат да станат идни проблеми внатре во ЕУ“, изјави Папандреу.
Според него, Европа мора да има не само позитивен поглед кон регионот, туку и да биде поактивна и да се труди да ги реши сите овие прашања. „И тоа не само легалистички – туку навистина директно да се вклучи и да ги земе предвид сите приоритети и грижи и на различните членки, но и на кандидатите“, порача тој во обраќањето за „Надворешна“ на МРТ.
Папандреу во своето обраќање ја нагласи и опасноста од одолговлекување на процесот на пристапување, оценувајќи го како вистинска трагедија фактот што земјите од Западен Балкан толку долго чекаат на својот европски пат. Неговиот повик до Брисел доаѓа во момент кога Европската комисија го претстави новиот документ за проширувањето, а темата за билатералните услови и блокадите во процесот останува едно од најчувствителните прашања во односите меѓу земјите од регионот и Унијата.
Поранешниот грчки министер за надворешни работи со својот став всушност повика на поголема ангажираност на европските институции во решавањето на отворените прашања, наместо нивно препуштање исклучиво на билатералните преговори меѓу засегнатите држави. Според него, нерешените спорови на Балканот не се само регионален проблем, туку можат да прераснат и во идни внатрешни предизвици за самата Европска Унија, поради што смета дека е неопходен директен и активен пристап на Брисел кон сите отворени прашања со кандидатите за членство.