FinPortal.mk

Пациентите повеќе нема да носат наоди од шалтер до шалтер – претставена Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030

FinPortal.mk  · 
Пациентите повеќе нема да носат наоди од шалтер до шалтер – претставена Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030

Министерството за здравство денес во Владата ја претстави Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030 пред лекари, пациентски организации, комори, институции и ИТ експерти. Основната цел на документот е до 2030 година секој граѓанин да има пристап до сопствените здравствени податоци, а секој лекар во моментот кога го лекува пациентот да располага со целосната информација за неговата здравствена историја.

Министерот за здравство Сашо Клековски објасни дека денешната состојба е таква што пациентот сам ја носи својата историја од шалтер до шалтер. Наодот од приватната лабораторија, снимката направена во друга болница и терапијата препишана надвор од упатниот ланец често не се пред лекарот кога тој одлучува за натамошниот тек на лекувањето. Анализата на која се заснова стратегијата системот го опишува како функционално оперативен, но структурно фрагментиран, бидејќи „Мој термин“, Фондот и регистрите на Институтот за јавно здравје работат, но не разменуваат податоци меѓу себе.

Клековски појасни што конкретно ќе значи тоа за пациентите и кои се бенефитите од новата стратегија. Според него, податоците го следат пациентот, односно тие ќе одат со него од матичниот лекар до специјалистот, болницата, лабораторијата и аптеката. Пациентот нема повеќе да ја раскажува својата историја одново, а истите анализи нема да се прават двапати. Преку надградениот портал „Мое здравје“ граѓаните ќе имаат пристап до своето здравствено досие, покрај термините и е-рецептите што се достапни денес, а потоа ќе следат и консултации на далечина.

Покрај увидот во сопственото досие, пациентот ќе може да види кој ги отворил неговите податоци, да побара исправка на грешка, да овласти претставник и да даде или повлече согласност. Овие права, како што беше најавено, ќе бидат уредени со закон. Телемедицината ќе добие правна основа, а хроничните пациенти ќе можат да се следат на далечина, особено во руралните средини каде нема редовен пристап до специјалист. Услугите ќе бидат прилагодени и за лица со попреченост, а за постарите лица и за граѓаните што не користат дигитални услуги ќе останат достапни и класичните канали.

Министерот за здравство потенцираше дека стандардите и системите ги прави државата, но дека разликата ја чувствува пациентот – или не ја чувствува, и токму тоа е мерката за успех. Тој нагласи и дека ова не е проект за нови компјутери, туку целта е системите што веќе постојат да почнат да работат заедно, во интерес на пациентот и на лекарот.

Стратегијата содржи пет приоритети, 38 мерки и 152 активности, а нејзината реализација е предвидена да започне во периодот 2026–2027 година. Со документот се поставува рамката во која здравствените податоци повеќе нема да остануваат затворени во одделни институции, туку ќе циркулираат таму каде што се најпотребни – пред лекарот што одлучува за терапијата на пациентот.