Овен: Никој нема да ги достигне бројките на Салах, а тоа е проблем за скапите засилувања на Ливерпул

Поранешниот англиски репрезентативец Мајкл Овен ја анализираше актуелната состојба во Ливерпул и извлече заклучок дека клубот се соочува со сериозен проблем поради големите суми потрошени на нови фудбалери кои засега не ги оправдуваат очекувањата. Според него, клубот долго време важел за пример кога е во прашање трансфер пазарот, бидејќи доведувал идеални играчи кои не биле прескапи, а се вклопувале во тимот и носеле резултати. Меѓутоа, по заминувањето пред сè на Јирген Клоп, работите тргнале во друг правец и во последниве две-три години се видени неколку операции вредни над 100 милиони евра, пари кои носат големи очекувања.
Овен оценува дека тие скапо платени фудбалери не ги оправдуваат очекувањата. Во прв план го издвојува Флорија Вирц, потоа Александер Исак, кој е повеќе повреден отколку што игра, а тежок старт на приказната на „Енфилд Роуд“ сега има и Бредли Баркола. „Тоа е проблем за Ливерпул во однос на парите што ги потрошија на различни играчи. Очигледно, тој преоден рок каде што ги потрошија тие пари, ги купија Исак, Екитике, Вирц, тие пари што ги потрошија не изгледаат вредни за парите во моментов. Велат дека растечките плими ги креваат сите бродови. Секогаш се случува кога е сè или ништо“, изјави Овен.
Тој нагласува дека не мисли оти станува збор нужно за лоши играчи. „Всушност, мислам дека се исклучителни играчи. И кога беа потпишани, бев полн со надеж, исчекување, возбуда итн. Но, очигледно, како што се одвиваа работите, тимот не игра многу добро. И потоа гледате кон оние играчи кои чинеле многу пари или оние играчи каде што е прашање ‚почекај, тимот беше навистина добар минатата година и инвестираше сите овие пари, каде тргна наопаку?‘ И вашите очи постојано се привлекуваат кон големите потписи. Го разбирам тоа. Тоа е она што се случи“, додаде тој.
Овен посебно се осврна на случајот со Баркола, за кого вели дека е во клубот само пет натпревари, но и со тоа потпишување се наметнува прашањето за очекуваните бројки. „Знам дека Баркола е таму само пет натпревари, но дури и со тоа потпишување мислите дека проблемот е што треба да ги достигнете бројките за Мо Салах за да можете да оправдате хонорар од таа големина. Ако сте клуб, си мислите: ‚Добро, трошењето на ова, ни требаат такви бројки за да го оправдаме тоа‘. И очигледно, никој нема да се приближи до тие бројки на Мо Салах. Значи, тоа е проблем“, смета Овен.
За Вирц, Овен е категоричен дека не сака да поверува оти Германецот не е доволно добар. „Го видовме тоа во различни лиги. Го видовме тоа на репрезентативните натпревари. Но, нема сомнение дека тој не игра добро во дресот на Ливерпул и тоа е веќе повеќе од една сезона. И тоа е проблем. Тоа е проблем што Ливерпул треба да го најде начинот да го извлече најдоброто од него бидејќи нема ни сомнение дека е таму. Но, да се извлече е огромно сомнение бидејќи поминува време“, истакна поранешниот напаѓач.
Анализата на Овен доаѓа во момент кога Ливерпул се соочува со притисок поради резултатите и очекувањата создадени со големите инвестиции. Тој смета дека клубот мора да најде начин да ги врати во форма скапите засилувања, бидејќи во спротивно вложените средства нема да донесат соодветен резултат. Неговиот заклучок е јасен: никој во тимот нема да ги достигне бројките на Мохамед Салах, а токму тие бројки се мерилото со кое се оценуваат најскапите потписи.