FinPortal.mk

Осигурени се заштедите до 30.000 евра по депонент во една банка, над тој износ следи неизвесност

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Осигурени се заштедите до 30.000 евра по депонент во една банка, над тој износ следи неизвесност

Милијардите евра во банкарскиот систем се показател за високиот степен на доверба што граѓаните го имаат во домашните банки. Штедачите сметаат дека парите им се на сигурно и дека се достапни веднаш кога ќе им затребаат. Но, што се случува ако банката ја снема? Тоа е прашањето што најмногу ги интересира штедачите кога ќе се спомене можноста за пропаѓање на банка – дали парите исчезнуваат заедно со неа или постои заштита.

Заштита има, но не без ограничување. Депозитите на населението се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, а максималното обесштетување изнесува до 30.000 евра во денарска противвредност, по депонент во една банка, филијала на странска банка или штедилница. Во овој износ влегуваат и главнината и пресметаната камата. Едноставно, ако некој има 12.000 евра во една банка и таа остане без дозвола за работа, целиот осигурен износ е покриен. Ако има 30.000 евра – и тие се покриени.

Сепак, ако на сметката има 50.000 евра, Фондот гарантира до 30.000 евра, а за преостанатите 20.000 евра штедачот станува доверител и ги побарува од стечајната или ликвидациската маса на банката. Тој дел не е автоматски изгубен, но нема гаранција дека ќе биде наплатен во целост.

Важно е да се знае дека ако едно лице има повеќе сметки во иста банка, тие не се осигуруваат секоја посебно до 30.000 евра. Сите негови депозити во таа банка се собираат и се третираат како еден. Од друга страна, ако штедач има пари во две различни банки, лимитот се применува одделно во секоја банка.

Осигурувањето ги опфаќа денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите поврзани со платежни картички и девизните приливи на физичките лица. Сите банки, филијали на странски банки и штедилници со дозвола за прибирање депозити се членки на Фондот и плаќаат премија за осигурување на депозитите.

Ако, пак, депонентот истовремено има и кредитни обврски кон банката, при утврдување на обесштетувањето депозитот се намалува за износот на задолженоста, согласно законските правила. Исто така, не се обесштетуваат ниту сите видови депозити. Законот предвидува исклучоци, меѓу кои депозити со привилегирани каматни услови.

Значи, за штедачите со заштеди до 30.000 евра во една банка сигурноста е загарантирана, додека за износите над тој лимит останува неизвесноста дали и колку ќе бидат наплатени од стечајната маса.