Осигурени се заштедите до 30.000 евра по депонент во една банка, над тој износ следи неизвесност
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Милијардите евра во банкарскиот систем се показател за високиот степен на доверба што граѓаните го имаат во домашните банки. Штедачите сметаат дека парите им се на сигурно и дека се достапни веднаш кога ќе им затребаат. Но, што се случува ако банката ја снема? Тоа е прашањето што најмногу ги интересира штедачите кога ќе се спомене можноста за пропаѓање на банка – дали парите исчезнуваат заедно со неа или постои заштита. Заштита има, но не без ограничување. Депозитите на населението се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, а максималното обесштетување изнесува до 30.000 евра во денарска противвредност, по депонент во една банка, филијала на странска банка или штедилница. Во овој износ влегуваат и главнината и пресметаната камата. Едноставно, ако некој има 12.000 евра во една банка и таа остане без дозвола за работа, целиот осигурен износ е покриен. Ако има 30.000 евра – и тие се покриени. Сепак, ако на сметката има 50.000 евра, Фондот гарантира до 30.000 евра, а за преостанатите 20.000 евра штедачот станува доверител и ги побарува од стечајната или ликвидациската маса на банката. Тој дел не е автоматски изгубен, но нема гаранција дека ќе биде наплатен во целост. Важно е да се знае дека ако едно лице има повеќе сметки во иста банка, тие не се осигуруваат секоја посебно до 30.000 евра. Сите негови депозити во таа банка се собираат и се третираат како еден. Од друга страна, ако штедач има пари во две различни банки, лимитот се применува одделно во секоја банка. Осигурувањето ги опфаќа денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите поврзани со платежни картички и девизните приливи на физичките лица. Сите банки, филијали на странски банки и штедилници со дозвола за прибирање депозити се членки на Фондот и плаќаат премија за осигурување на депозитите. Ако, пак, депонентот истовремено има и кредитни обврски кон банката, при утврдување на обесштетувањето депозитот се намалува за износот на задолженоста, согласно законските правила. Исто така,