Општинските тендери во 2025 година двојно пораснаа, Тетово на врвот со 22,5 милиони евра

Градот Скопје и 80-те општини во земјава во 2025 година склучиле вкупно 4.300 договори за јавни набавки во вредност од рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра. Вредноста на општинските тендери во изборната 2025 година се зголемила речиси двојно во однос на 2024 година и изнесувала колку во претходните две години заедно, покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Најголема вредност на јавните набавки за 2025 година има Општина Тетово со 22,5 милиони евра. По неа следи Општина Карпош со годишно зголемување од 9 милиони евра, па Општините Куманово и Гостивар со 7,4 односно 7,3 милиони евра. Најмали јавни набавки од безмалку половина милион евра има Старо Нагоричане.
Тетово има и најголем годишен скок на вредноста на тендерите од дури 20 милиони евра, а најголем пад од 6 милиони евра има Струмица. Град Скопје веќе втора година по ред не е на првата позиција. Лани падна на шестото место, а годинава е на 14-то со вредност на тендерите од само 8,5 милиони евра.
Според истражувањето, најголема вредност на јавните набавки по жител има Чаир, по 2.381 евро, наспроти Центар Жупа, која има само по 12 евра по жител. Општините лани склучиле договори за јавни набавки со 1.185 фирми, но повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
На врвот според вкупната вредност на склучените договори е „Жикол“ од Струмица со вредност на договорите од милијарда денари, односно околу 16 милиони евра. На второ место во 2025 година е компанијата „Ленди груп“ Скопје со склучени 49 договори во вредност од околу 864 милиони денари, односно 14 милиони евра. Станува збор за договори склучени за изградба и реконструкција на улици. На трето место е „Стентон градба“ Битола. Со оваа фирма општините склучиле вкупно 27 договори во вредност од околу 722 милиони денари.
Податоците покажуваат дека изборната година донела значителен раст на локалната јавна потрошувачка, при што распределбата на договорите останува силно концентрирана кај мал број компании. Вредноста од 356 милиони евра претставува рекорд за општинските јавни набавки и ја надминува двојно сумата од претходната година, што е особено значајно имајќи предвид дека станува збор за година во која се одржаа локални избори.