FinPortal.mk

Општинските буџети сè уште затворени за граѓаните: 52 општини без граѓански буџет, 27 без објавени договори за набавки

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Општинските буџети сè уште затворени за граѓаните: 52 општини без граѓански буџет, 27 без објавени договори за набавки

Локалната самоуправа е најблиското ниво на власт до граѓаните, но транспарентноста, учеството во одлучувањето и контролата врз трошењето на јавните средства и натаму остануваат сериозен предизвик. Најновиот Индекс на отворени општини за буџетската 2025 година, кој Здружението за истражување и анализи ЗМАИ го објавува шеста година по ред, открива значителни разлики меѓу општините, но и системски слабости во начинот на кој локалните власти ги планираат, трошат и ги прават достапни информациите за јавните пари. Според резултатите, 52 општини не објавиле граѓански буџет, а 27 општини немаат објавени договори за јавни набавки.

Просечната оценка на 81 единица на локалната самоуправа изнесува 38,4 од можни 100 поени, при што 47 општини се во категориите на минимална или недоволна отвореност. Тоа значи дека речиси шест од десет општини имаат минимална или недоволна отвореност на буџетските процеси. Крива Паланка повторно е на врвот со 86,4 поени и е единствената општина со сеопфатна отвореност на буџетските процеси, за што добива и сертификат од ЗМАИ за сеопфатна отвореност. Град Скопје, пак, се наоѓа на 57. место.

По тој повод денеска на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, му беше доделен Сертификат за сеопфатна отвореност на буџетските процеси за 2025 година. При доделувањето, директорот на ЗМАИ, Виктор Митевски, истакна дека по шест години очекувале да има повеќе општини кои ќе можат да го исполнат условот за сеопфатност. Тој потенцираше дека од особено значење е што општината постигнала 100 од 100 поени во областа на вклученост и правичност и 98 од 100 поени во областа на транспарентност.

Градоначалникот Митовски се заблагодари за признанието со кое се одликува општината и истакна дека заслугата е тимска, заедничка на луѓето кои работат во општината. „За нас е важно граѓаните да бидат вклучени во одлучувањето за буџетот“, истакна тој и истовремено им се заблагодари на граѓаните што се вклучуваат активно во процесите.

Најголемиот демократски дефицит останува учеството на граѓаните. Областа „Вклученост и правичност“ има просечна оценка од само 23,4 поени. Тоа покажува колку се ограничени можностите граѓаните, вклучително и маргинализираните групи, да предложат буџетски приоритети и да добијат информација дали и како нивните предлози биле земени предвид. Ваквите податоци укажуваат дека и покрај одреден напредок кај поединечни општини, системските слабости во отвореноста на локалните буџети остануваат длабоко вкоренети.