FinPortal.mk

Општините во изборната 2025 година склучиле рекордни тендери од 356 милиони евра

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Општините во изборната 2025 година склучиле рекордни тендери од 356 милиони евра

Сите 80 општини во Македонија и Град Скопје заедно во 2025 година достигнале рекордна вредност на склучени договори за јавни набавки од 356 милиони евра, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Сумата е речиси двојно поголема од вредноста на јавните набавки во претходните две години заедно, што претставува апсолутен рекорд досега забележан во истражувањата на оваа организација.

На врвот на листата по вредност на јавните набавки се наоѓа Општина Тетово, која лани склучила договори во вредност од 22,5 милиони евра. Тоа претставува скок од 20 милиони евра за само една година, со што администрацијата предводена од градоначалникот Биљал Касами се издигна на првото место меѓу сите општини. Еден од позначајните тендери на Тетово во 2025 година е втората фаза од изградбата на новите објекти за двете средни училишта — текстилното „Ѓоце Стојчевски“ и гимназијата „7 март“ — која според јавно достапните податоци за јавни набавки чини околу 2,5 милиони евра. Градоначалникот Касами веста за продолжување на изградбата ја сподели средe кампањата за изборите во октомври 2025 година, со пораката „Работа на секој агол“.

На второто место по вредност на склучени јавни набавки се наоѓа Општина Гази Баба со 16,6 милиони евра. Топ пет листата ја заокружуваат Општина Штип и Општина Аеродром со јавни набавки вредни 14,2 милиони евра и Општина Куманово со 13,3 милиони евра. Меѓу првите десет општини по вредност на јавните набавки се наоѓаат и Карпош, Гостивар, Велес, Битола и Ѓорче Петров.

Претседателот на Центарот за граѓански комуникации, Герман Филков, објаснува дека станува збор за склучени договори за јавни набавки во 2025 година и изразува сомнеж дека сите 356 милиони евра навистина ќе бидат платени од општините. „Не верувам дека сите 356 милиони ќе ги платат општините, немаат толку пари“, вели Филков, додавајќи дека околу стотина милиони евра, односно 150 милиони, дошле преку унгарскиот кредит, додека останатите општини во тие проекти, кои што сочинуваат најголем дел од овие пари, се обврзале дека ќе ги плаќаат во текот на две до три години.

Според Филков, засега овие средства за општините ќе претставуваат само обврски, односно долгови кои што ќе треба да ги плаќаат и во следните години. Тој потсетува и дека 2025 година била изборна година во локалната самоуправа, а истражувањата на организацијата покажуваат дека во изборните години сумите за јавни набавки доживуваат рекорди. „Ова е апсолутен рекорд што досега го имаме забележано“, нагласува Филков.

Тој додава и дека овие средства сочинуваат околу 20 отсто од сите јавни набавки во земјата, што дополнително ја нагласува тежината на рекордната сума постигната во изборната 2025 година. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации опфатило сите 80 општини во Македонија и Град Скопје, а податоците се засноваат на јавно достапни податоци за склучени договори за јавни набавки.