FinPortal.mk

Општините ја положија првата проверка за отвореност: граѓаните бараат навремена информација, учество и отчетност

FinPortal.mk  · 
Општините ја положија првата проверка за отвореност: граѓаните бараат навремена информација, учество и отчетност

Отвореноста и транспарентноста на локалната власт не се само законска обврска, туку предуслов за одговорно управување, доверба во институциите и создавање услови граѓаните активно да учествуваат во процесите на носење одлуки. Ова беше главната порака на тематскиот форум насловен „Од отворена општина до активна заедница: Индексот на отвореност 2026 и граѓанското учество на локално ниво“, кој се одржа на 25 септември во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, каде што беа презентирани резултатите од Индексот на отвореност на единиците на локалната самоуправа за 2026 година.

Форумот го организираа Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Руралната коалиција и Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“, во рамки на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција“, со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Во своето поздравно обраќање, Дарко Димов од Цивика мобилитас се осврна на улогата на програмата во поддршката на силен граѓански сектор, активни граѓани и добра соработка со властите. Тој го посочи ДИГИЛОК како пример за таков партнерски пристап, во кој три граѓански организации соработуваат со локалните власти и со граѓаните, кои пак активно се вклучуваат во процесите на локално ниво. Според Димов, токму ваквото поврзување на граѓанскиот сектор, институциите и граѓаните ја отсликува визијата на Цивика мобилитас за поттикнување општествени промени и создавање услови за поотворено, отчетно и инклузивно управување.

Програмската директорка во Фондацијата Метаморфозис, Данче Даниловска-Бајдевска, во воведното излагање потенцираше дека отвореноста не значи само исполнување на законските обврски или објавување информации на веб-страниците на општините. Според неа, вистинската отвореност подразбира создавање услови граѓаните навреме да бидат информирани и да можат да прашаат, да учествуваат, да влијаат и да побараат отчетност. Отворена општина е онаа во која граѓанинот навреме е запознаен со работата на локалната власт, но истовремено има можност да поставува прашања, да се вклучи во одлучувањето, да влијае врз процесите и да побара одговорност од избраните претставници.

Токму во таа насока, на форумот беа презентирани резултатите од Индексот на отвореност на единиците на локалната самоуправа за 2026 година, алатка којашто мери колку општините навистина ја отвораат својата работа пред граѓаните. Достапноста на информациите за работата на општините, проактивното објавување податоци и воспоставувањето функционални механизми за консултирање и вклучување на граѓаните беа посочени како клучни елементи на отворена и отчетна локална самоуправа.

Настанот ги собра претставниците на граѓанскиот сектор, локалните власти и граѓаните, со заеднички фокус на прашањето како од формално отворена општина да се дојде до активна заедница којашто навистина учествува во одлучувањето. Заклучокот што се провлекуваше низ излагањата е дека транспарентноста не е цел сама по себе, туку појдовна точка за доверба и за одговорно управување на локално ниво.