Општина Крива Паланка бара кризна состојба поради илјадници грла добиток во центарот на градот

Општина Крива Паланка побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба поради долгогодишниот проблем со неконтролирано движење на крупен добиток низ градот, кој секојдневно предизвикува штети на земјоделски насади, приватен и општински имот. Како што соопштија од локалната самоуправа, над 1.000 грла крупен добиток влегуваат во централното градско подрачје, а загубите за локалното население се сè поголеми.
Според Општината, прогласувањето кризна состојба би овозможило обезбедување дополнителни финансиски средства, кадар, опрема и координација меѓу надлежните институции за решавање на проблемот. Од локалната самоуправа бараат Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од една недела да достави конкретен оперативен план и веднаш да започне со спроведување на правосилните решенија од 2024 година за одземање на животните од регистрираните одгледувалишта.
Планот, како што наведуваат од Општината, треба да опфати теренски акции, стручни екипи, специјализирани возила и полициска асистенција. Од локалната самоуправа се децидни дека спроведувањето на решенијата не смее да се одложува ниту да се условува со одлуката на Владата за прогласување кризна состојба.
Во спротивно, Општината и оштетените граѓани најавуваат поднесување кривични пријави против одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство. Проблемот со добитокот што се движи низ урбаното подрачје на Крива Паланка не е нов, но според локалните власти, со години не е решен и покрај постоечките правосилни решенија, поради што штетите врз населението и општинскиот имот продолжуваат да растат.