Опозицијата бара итно покачување на минималната плата: еден минималец покрива само 37,5 отсто од кошничката
FinPortal.mk · 21.9.2026 г.
Опозициските партии бараат итно зголемување на минималната плата, откако последните податоци за минималната синдикална кошничка покажаа дека таа е далеку под нивото потребно за основниот живот. Според соопштението на СДСМ, минималната синдикална кошничка во септември достигнала 69.432 денари, а со кирија изнесува 84.807 денари, додека минималната плата останала најниска во регионот и изнесува 26.046 денари. Од СДСМ оценуваат дека линеарните илјада денари не претставуваат никаква политика и ги нарекуваат понижување. Тие посочуваат дека просечната плата не ја покрива кошницата, а минималната е далеку под животниот стандард. Според нивните податоци, последната објавена просечна нето-плата изнесува 48.381 денар, што значи дека една просечна плата е 21.051 денар под минимумот. Две минимални плати заедно се 17.340 денари под минимумот, а ако семејството живее под кирија, на двајца вработени на минималец им недостигаат уште 32.715 денари секој месец. Од партијата Левица, пак, пресметуваат дека една минимална плата покрива само 37,5 отсто од потрошувачката кошница и сметаат дека таа треба да се зголеми затоа што минималецот од 26.000 денари е најнизок во регионот. Според нивните податоци, на секои 100 денари што ќе ги заработат двајца на минималец, потребни им се 133 денари за да ја покријат основната кошничка, а 163 денари ако плаќаат кирија. Во проценти, еден минималец покрива само 37,5 отсто од кошничката, две минимални плати покриваат 75 отсто, а една просечна плата покрива неполни 70 отсто. Само храната и пијалаците чинат 25.259 денари, што значи дека од една цела минимална плата, откако ќе се обезбеди само храната, остануваат 787 денари за струја, вода, превоз, облека, лекови, хигиена, образование и сè друго. За двајца на минималец да ја затворат кошничката, секој би требало да зема 34.716 денари, односно по 8.670 денари повеќе од сегашниот минималец. Доколку плаќаат кирија, потребни се по 42.404 денари по работник. Од СДСМ во своето соопштение посочуваат и на тешката