Околу 800 граѓани вакцинирани против сезонски грип од вчера до денес, најмногу повозрасни лица

Околу 800 граѓани вакцинирани против сезонски грип од вчера до денес, покажуваат податоците на здравствените власти. Интересот за имунизација продолжува, а меѓу граѓаните кои доаѓаат во пунктовите за вакцинација најбројни се повозрасните лица, пренесуваат од здравствените установи.
Дел од граѓаните велат дека вакцината ја примаат секоја година и дека тоа веќе им станало редовна практика. „Откако наполнив 60 години, секоја година доаѓам на вакцинација“, вели една граѓанка, додека други граѓани посочуваат дека ова им е трета година по ред како се вакцинираат.
Лекарите забележуваат дека интересот расте и дека сè повеќе граѓани ја препознаваат важноста на навремената заштита. Сепак, потсетуваат дека пред да дојдат на пункт, граѓаните мора да бидат регистрирани во системот.
„Би апелирала до најблиските на повозрасните лица, кои не знаат самостојно да ја користат електронската апликација, да ги пријават за вакцинација преку вакцинација.мк. Само така можат да дојдат и да ја примат вакцината. Доколку дојдат без електронска пријава, ќе мора да бидат вратени“, вели д-р Соња Ралева од Здравствен дом Скопје.
Таа посочува дека граѓаните кои од оправдани причини ќе го пропуштат закажаниот термин, сепак ќе можат да се вакцинираат во следните три до четири недели, на истиот пункт каде што имале закажано.
Според лекарите, зголемениот интерес, особено кај повозрасните, се должи и на придобивките што ги препознаваат од вакцинацијата, вклучително и намалувањето на ризикот од сериозни компликации доколку заболат од грип.
И оваа година, покрај вакцинацијата во пунктовите, мобилни медицински екипи ќе ги посетуваат повозрасните и неподвижните лица во нивните домови, што дополнително ќе им овозможи пристап до заштита на оние кои не можат самостојно да дојдат до пунктовите за имунизација.