FinPortal.mk

Околу 800 граѓани вакцинирани против сезонски грип од вчера до денес, најбројни повозрасни лица

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Околу 800 граѓани вакцинирани против сезонски грип од вчера до денес, најбројни повозрасни лица

Околу 800 граѓани биле вакцинирани против сезонски грип од вчера до денес наутро, според податоците на здравствените власти. Интересот за вакцинација продолжува, а меѓу граѓаните кои доаѓаат во пунктовите за имунизација најбројни се повозрасните лица, кои велат дека вакцината ја примаат секоја година и дека тоа веќе им станало редовна практика.

„Откако наполнив 60 години, секоја година доаѓам на вакцинација“, вели една граѓанка, додека други граѓани посочуваат дека ова им е трета година по ред како се вакцинираат. Лекарите забележуваат дека интересот расте и дека сè повеќе граѓани ја препознаваат важноста на навремената заштита.

Сепак, лекарите потсетуваат дека пред да дојдат на пункт, граѓаните мора да бидат регистрирани во системот. Д-р Соња Ралева од Здравствен дом Скопје апелира до најблиските на повозрасните лица, кои не знаат самостојно да ја користат електронската апликација, да ги пријават за вакцинација преку вакцинација.мк. „Само така можат да дојдат и да ја примат вакцината. Доколку дојдат без електронска пријава, ќе мора да бидат вратени“, вели д-р Ралева.

Таа посочува дека граѓаните кои од оправдани причини ќе го пропуштат закажаниот термин, сепак ќе можат да се вакцинираат во следните три до четири недели, на истиот пункт каде што имале закажано.

Според лекарите, зголемениот интерес, особено кај повозрасните, се должи и на придобивките што ги препознаваат од вакцинацијата, вклучително и намалувањето на ризикот од сериозни компликации доколку заболат од грип. И оваа година, покрај вакцинацијата во пунктовите, мобилни медицински екипи ќе ги посетуваат повозрасните и неподвижните лица во нивните домови.