Охрид со 12 гола разлика го совлада Спор Тото и уверливо тргна во одбраната на европската титула

Ракометарите на ГРК Охрид победнички ја започнаа одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп, откако во првиот натпревар од второто коло убедливо го совладаа турскиот претставник Спор Тото со резултат 36:24, односно со 12 гола разлика. Натпреварот се одигра во салата „Билјанини Извори“ во Охрид, каде актуелниот освојувач на европскиот трофеј уште од самиот почеток покажа дека е посилниот состав на паркетот.
Домашниот тим веднаш поведе со 2:0, а турскиот тим успеа да биде рамноправен само во воведните девет минути, кога на семафорот стоеше резултат 4:4. Потоа избраниците на тренерот Борис Ројевиќ постепено ја зголемуваа предноста и на крајот од првото полувреме стигнаа до највисоката позитива во првиот дел од 18:10, со кој резултат се замина на паузата.
Второто полувреме беше чиста формалност, па актуелниот освојувач на европскиот трофеј лесно и заслужено ја завери победата со конечни 36:24. Најефикасен во домашните редови беше Доминик Мате со десет погодоци, додека Дарко Ѓукиќ постигна шест голови.
Со ова фантастично издание, тимот од Охрид практично си ја заврши работата во оваа рунда, но сепак утре ќе мора формално да го одигра и реванш натпреварот. Вториот дуел ќе се одигра во истата сала и во истото време, во 18.30 часот.
Утре своите реванш дуели од второто коло во ова натпреварување ќе ги играат и преостанатите две македонски екипи, Алкалоид и Бутел. Прво во Скопје, од 17 часот ракометарите на Бутел ќе треба да надополнат три гола негатива од гостувањето во Хрватска кај тимот на Горица, каде загубија со 24:27. Од 19 часот Алкалоид ќе гостува во Австрија кај Ферлах, откако во првиот дуел македонскиот тим славеше убедлива победа со девет гола разлика, 31:22.