Одбраната на Ѓоко Ристов достави правно мислење од Калајџиев: судија не треба да одговара за „злоупотреба на службената положба

Во судскиот предмет против Ѓоко Ристов, одбраната достави правно мислење од професорот Гордан Калајџиев според кое апелацискиот судија не треба да одговара за кривичното дело 352 „злоупотреба на службената положба“. Мислењето беше изведено како материјален доказ на рочиштето, заедно со вештачењето на вештото лице Емилио Фришчиќ од минатото рочиште.
Адвокатот Давидовиќ пред судот го објасни содржината на правното мислење. „Правно мислење на Гордан Калајџиев во однос на законското обележје на кривичното дело 352 во кое стои дека судиите не се опфатени како службени лица и се однесува исклучиво на лица во јавните претпријатија или друго правно лице што располага со државен капитал, а судовите и обвинителствата, тоа не се“, рече адвокатот Давидовиќ.
На денешното рочиште не се појавија двајцата вештаци на одбраната. Првиот, Атанас Козарев, требаше да ги објаснува ДНК-трагите пронајдени на парите и на фолиите, додека вториот, Антонио Ѓорѓиев, требаше да го презентира пред судот економското вештачење со кое одбраната докажува како родителите на Ристов ги стекнале парите.
Судијката Билјана Коцевска реагираше на отсуството на вештаците и побара одбраната за следното рочиште навремено да ги обезбеди и да го извести судот доколку не доаѓаат. „Не ми е јасно, уште на првите рочишта беше присутен техничкиот советник, сега кога треба да дојде, го нема. Имавте доволно време да го подготвите вештачењето и на следното да биде готово и да се достави до Обвинителството, за да може да се произнесе и вкрстено да го испраша сведокот“, рече судијката Коцевска.
По сведоците, исказ пред судот ќе дава самиот Ристов. Следното рочиште е закажано за 20 ноември.