Од државниот врв порачаа: Наша обврска е да градиме демократска, правна и европска држава

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски упатија честитки до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, со заедничка порака дека обврска на сите е да градат демократска, правна и европска држава.
Во честитката на претседателката на Собранието Африм Гаши се наведува дека наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточиме во одговорност, единство и посветеност кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја.
Премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи го празникот, порача дека овој 11 Октомври треба да биде ден на нова одговорност да ја чуваме слободата, која, како што вели, не е завршена приказна, туку дело што секоја генерација мора да го продолжи.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на почетокот на својата честитка се осврна на почетокот на Народноослободителната борба, наведувајќи дека на 11 октомври 1941 година македонските востаници му се придружија на антифашистичкиот демократски фронт, решени да го продолжат патот на илинденците до конечната победа и слобода, формирајќи македонска држава.
„На 11 октомври 1941 година, македонските синови и ќерки тргнаа во решителен бој против фашистичките окупатори, бранејќи ја татковината. Во време кога фашистичките сили маршираа низ европските држави, македонскиот мирољубив народ не беше тивок набљудувач на злото, туку патриотски ја прифати обврската за ослободување. Идеја водилка на востанието како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ“, вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, 11 Октомври не е само важен историски датум, туку тој е незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината, кој не значи евоцирање спомени, имиња и настани, туку водење државен и општествен живот.
Претседателката на државата во својата порака нагласи дека секое поколение има свој испит пред историјата, додавајќи дека нашиот испит не е да раскажуваме, а уште помалку да ги повторуваме битките на претходниците, туку да ги оживотвориме нивните подвизи.
Честитките од државниот врв доаѓаат по повод одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, празник со кој се одбележува почетокот на борбата на македонскиот народ против фашистичките окупатори во 1941 година.
Тројцата државни функционери во своите пораки до граѓаните се обединија околу заедничката цел – продолжување на патот кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на земјата, што, како што порачаа, останува обврска на секоја генерација.