Ново Нордиск со нови цели, но инвеститорите останаа разочарани

Акциите на данската фармацевтска компанија Ново Нордиск нагло паднаа во раното тргување откако компанијата им вети на инвеститорите лансирање на повеќе од пет блокбастер лекови и остварување на повеќе од 23 милијарди долари нови приходи од продажба во наредните години. Плановите, сепак, не ги задоволија инвеститорите, кои очекуваа поконкретни мерки за пресврт од извршниот директор Мајк Даустар, откако данскиот производител на лекови ја загуби лидерската позиција на пазарот за лекување на дебелина од американската компанија Ила Лили.
Ново Нордиск денес го одржува својот ден на капитални пазари, настан што доаѓа во клучен момент за производителот на лекови. Компанијата соопшти дека има за цел да оствари повеќе од 150 милијарди дански круни, што е околу 23 милијарди долари, приходи од продажба на лековите во развој до 2035 година.
Инвеститорите со нетрпение очекуваа уверување за тоа како Ново Нордиск планира долгорочно да остане релевантен и да им парира на конкурентите. Едно од клучните прашања беше како компанијата ќе ги замени Вегови и Оземпик, односно што ќе го поттикне растот откако на почетокот од следната деценија ќе почнат да истекуваат патентите за тие лекови. Според известувањето на Блумберг, инвеститорите очигледно не биле задоволни од одговорите што ги добиле, бидејќи имало многу широки визии и изјави за насоките, но недостигале конкретни начини на кои Ново сака да ги постигне целите, а конкретните цели што ги даде компанијата не оставиле впечаток.
Сепак, како што беше нагласено, новата стратегија е штотуку претставена, а денот на капитални пазари сè уште трае, па останува да се види што ќе кажат раководителите во текот на денот. Акциите веќе делумно го надоместија падот од утрото, но во еден момент беа намалени за 4,2 отсто, откако претходно паднаа и поостро.
Извршниот директор Мајк Даустар веќе се обрати на настанот и зборуваше за низа теми. Еден од впечатливите моменти беше намерата на Ново Нордиск да ја диверзифицира компанијата. Сè уште е нејасно во кои области точно, но компанијата сака да го прошири опсегот од таргетирање само на пациенти кон поширок сегмент на потрошувачи. Тоа планира да го направи преку лансирање на дел од лековите во развој, но и преку спојувања и превземања, односно барање договори. Овие насоки беа меѓу главните новости од денешниот настан, но останува да се види како ќе се остварат и дали токму таму ќе излезат поконкретни информации за чекорите со кои Ново ќе ги постигне поставените цели.