Ново Нордиск“ се ребрендира во „Ново“ во битката за пазарот на лекови против дебелина
Данскиот производител на лекови „Ново Нордиск“ објави дека го менува името во „Ново“ и ја обновува корпоративната култура, во обид да си врати дел од пазарот на лекови против дебелина. Компанијата ги нарече промените почеток на ново поглавје, откако се соочува со силна конкуренција од главниот ривал „Илај Лили“ и со притисок од инвеститорите да понуди нови производи со голем потенцијал и да обезбеди пат кон долгорочен раст.
„Ново“ планира детално да ги претстави промените во деловната стратегија на настанот „Ден на капиталните пазари“ на 21 септември. Во соопштението компанијата најави и пошироко ребрендирање изградено околу пораката „Трајното здравје започнува сега“, која промовира идејата пациентите веднаш, а не подоцна, да направат чекор кон долгорочна благосостојба. Според компанијата, маркетингот има за цел да изгради релевантност и доверба кај јавноста и другите засегнати страни и да ја доближи „научната револуција до секојдневниот живот на луѓето“.
Акциите на „Ново“ годинава паднаа за околу 15 отсто, и покрај успешното лансирање на оралната верзија на „Вегови“, која до јуни надмина три милиона рецепти. Компанијата неодамна се откажа од три испитувања на експериментален лек за срцево-садови заболувања. Овој предизвик дојде додека таа продолжува да заостанува на пазарот на лекови против дебелина, со 38,8 отсто пазарен удел наспроти 60,9 отсто на „Лили“ во вториот квартал, според презентација на „Лили“ за приходите што се повикува на податоци на IQVIA.
„Ново Нордиск“ останува законското име на компанијата, кое датира од спојувањето во 1989 година на два конкурентски дански фармацевтски производители: „Ново Терапеутиск Лабораториум“ и „Нордиск Инсулинлабораториум“.
И покрај предизвиците, „Ново“ годинава имаше еден значителен поттик — лансирањето на оралната верзија на „Вегови“. Покрај експлозивниот почеток, таблетата имаше предност пред конкурентската таблета за слабеење на „Лили“ наречена „Фаундајо“.