FinPortal.mk

Нови операции сали и ново крило во охридската болница „Св. Еразмо“ до Нова година

FinPortal.mk  · 
Нови операции сали и ново крило во охридската болница „Св. Еразмо“ до Нова година

Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид до Нова година треба да го стави во употреба новото крило, со што ќе добие четири современи операциони сали. Ова го најави министерот за здравство Сашо Клековски, кој информираше дека по повеќе од една година работа со раководството на болницата е затворена финансиската конструкција за завршување на новото крило, инвестиција што ќе надмине два милиони евра.

Средствата, како што наведе министерот Клековски, ќе бидат обезбедени од повеќе извори, меѓу кои Фондот за здравствено осигурување, буџетот на болницата, други државни институции и донации од општествено одговорни компании. Според него, веќе е избран добавувач кој треба да ги заврши градежните работи, а постапките за набавка на опрема дел се во тек, додека дел од постоечката опрема ќе биде обновена.

„Избран е добавувач кој треба да ги заврши градежните работи, а постапките за набавка на опрема дел се во тек, дел ќе бидат обновени. Јас би ставил рок до Нова година, фактички цела нова болница, да биде ставена во употреба“, рече Клековски. Тој посочи дека од сегашниот капацитет од околу една и пол операциона сала, „Св. Еразмо“ ќе добие четири современи операциони сали.

Министерот за здравство оцени дека со тоа ќе биде завршена долгогодишната голгота со овој проект, потсетувајќи дека работите започнале многу одамна. „Со тоа ќе биде завршена оваа голгота која е започната многу одамна, дел од вас и деца биле, претпоставувам, кога сето ова започнало“, рече Клековски, ветувајќи дополнителни активности за подигнување на стандардите во здравството и воведување нови и современи процедури.

Клековски оцени дека Охридско-струшкиот регион во повеќе области обезбедува здравствени услуги на високо ниво, притоа како пример посочувајќи ја токму болницата „Св. Еразмо“. Според него, за само две години е постигнато 40 проценти зголемување на бројот на интервенции на колкови, а „Св. Еразмо“ веќе е во кругот на трите најзначајни установи каде што се вршат вакви интервенции, заедно со Клиничкиот центар во Скопје и болницата „Осми Септември“.

Министерот посебно го истакна почетокот на интервенциите на колено, посочувајќи дека во оваа област има потреба од зголемување на бројот на интервенции. Тоа, како што рече, е дополнителен мотив за натамошно унапредување на капацитетите и услугите на оваа здравствена установа.

Директорот на Специјалната болница „Св. Еразмо“, Хари Шокаровски, посочи дека станува збор за уште еден голем инвестициски циклус за завршување на долгогодишниот проект и ставање во функција на новите операциони сали и останатите болнички простории. Тој нагласи дека со новата опрема и подобрените услови значително ќе се унапредат болничкиот стандард, условите за работа и лекувањето на пациентите.

„Ќе се потрудиме да станеме една, можеби, најрепрезентативна ин[ституција]“, рече Шокаровски, изразувајќи очекување дека болницата ќе продолжи да се развива како значаен центар за ортопедија и трауматологија во регионот.

Инвестицијата од над два милиона евра, според најавите, треба да биде заокружена со пуштање во употреба на целата нова болница до крајот на годината, што ќе значи значително проширување на капацитетите и подобрување на условите за пациентите од Охридско-струшкиот регион и пошироко.