FinPortal.mk

Новата законска рамка за пазарот на капитал носи поголема заштита за инвеститорите, порача Јанкуловски во Охрид

FinPortal.mk  · 
Новата законска рамка за пазарот на капитал носи поголема заштита за инвеститорите, порача Јанкуловски во Охрид

Модернизирање на регулативата на пазарот на капитал, усогласување со европските правила, развој на нови финансиски производи и повисоко ниво на заштита на инвеститорите се меѓу приоритетите на Министерството за финансии. Ова го порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски на 25. годишната конференција на Македонската берза во Охрид, пренесе Пари.

Според Јанкуловски, стабилниот пазар на капитал е составен дел од поширокиот финансиски систем, а основа за негов понатамошен развој се макроекономската и фискалната стабилност. „Владата презема клучни активности насочени кон креирање долгорочно стабилен, сигурен и отпорен финансиски систем. Пазарот на капитал е витален сегмент на тој систем, а одржувањето на макроекономската и фискалната стабилност е основен предуслов за негов натамошен раст и развој“, истакна Јанкуловски.

Тој нагласи дека Министерството за финансии, како носител на законската регулатива во оваа област, продолжува да работи на подобрување на условите на пазарот и на усогласувањето на домашното со европското законодавство. „Пазарот на капитал е дел од кластерот ‘Внатрешен пазар’ во рамките на Поглавјето 9 – Финансиски услуги, и во таа насока ги следиме европските директиви и регулативи. Една од најзначајните реформи во нашата агенда е токму во оваа област“, рече Јанкуловски.

Посебен акцент заменик-министерот стави на новата законска рамка. Постојниот Закон за хартии од вредност се заменува со Законот за финансиски инструменти и Законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност. Двата закона се донесени во 2024 година и имаат одложена примена, а Министерството ги наведува како клучен дел од усогласувањето со европската регулатива.

„Со новата регулатива воспоставуваме модерна и сеопфатна рамка за македонскиот пазар на капитал, усогласена со европските регулативи“, нагласи заменик-министерот. Според него, во Министерството се работи и на измени на двата закона, со цел да се надминат прашањата што се појавиле во подготовката за нивната примена.

„Тоа создава услови за развој на нови производи, поголема стабилност, зајакнат надзор и повисоко ниво на заштита на инвеститорите“, посочи Јанкуловски. Со тоа, како што рече, новата регулатива не значи само усогласување со европските стандарди, туку и конкретна корист за учесниците на пазарот, пред сè преку посигурна рамка за инвестирање и јасни правила за издавачите на хартии од вредност.

Конференцијата на Македонската берза во Охрид се одржува по 25. пат и традиционално собира претставници на институциите, финансискиот сектор и пазарот на капитал, кои на едно место ги разгледуваат актуелните трендови и идните чекори во развојот на домашниот пазар на капитал.