FinPortal.mk

Нова тужба ги оспорува царините од 50 отсто на Трамп за канадски стоки

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Нова тужба ги оспорува царините од 50 отсто на Трамп за канадски стоки

Американскиот увозник на храна „Гелерт глобал груп“ (Gellert Global Group) со седиште во Њу Џерси поднесе тужба пред Меѓународниот трговски суд на САД со која ги оспорува царините од 50 отсто што претседателот Доналд Трамп ги воведе врз низа канадски производи, објави CNBC.

Тужбата бара судот да ги прогласи царините воведени врз основа на членот 338 од Законот за царини од 1930 година за незаконски, да ја спречи нивната примена и да наложи на администрацијата да изврши поврат на веќе платените давачки, заедно со камата. Според тужбеното барање, производите на „Гелерт глобал груп“ – сирења – се опфатени со овие царини.

Трамп во јули го искористи членот 338 од Законот за царини од 1930 година за да воведе високи царини врз канадски хокејски стапови, вино, мед, перики и други производи, како одговор на наводна трговска дискриминација од страна на Отава. Тоа беше првпат овој 96 години стар закон да биде употребен за воведување царина.

Во тужбата се наведува дека членот 338 е „реликт на царинската политика заснована на одмазда“ која е „имплицитно укината“ со подоцнежното законодавство. „Гелерт глобал груп“ ја застапува Центарот за правда и слобода (Liberty Justice Center), истата правна група која претходно успешно ги оспори „реципрочните“ царини на Трамп пред Врховниот суд, кој во февруари ги поништи тие царини. Администрацијата во моментов врши поврат на проценетите 166 милијарди долари што федералната влада ги собра од увозниците преку тие реципрочни давачки.

Центарот за правда и слобода во моментов води уште две тужби против она што го нарекува злоупотреба на законите од страна на Трамп за воведување широки царини. „Овој случај не е за претседателот. Тој е за претседателската функција“, изјави извршната директорка на групата, Сара Албрехт, во соопштение во вторникот наутро со кое ја најави тужбата на „Гелерт глобал груп“. „Ниту еден претседател не треба да има моќ да земе заспан закон од полицата и да го искористи за воведување широки царини или забрани за увоз без ограничувањата што ги бара Конгресот.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето на CNBC за коментар за тужбата.