Нова регионална иницијатива SAFE отвора патишта за финансирање на малите бизниси во Северна Македонија

Регионалната иницијатива SAFE – Sustainable Access to Finance for Entrepreneurship, односно „Одржлив пристап до финансии за претприемачи“, ќе биде официјално претставена на 11 ноември 2026 година во Сараево, со што се отвора нова можност за конкретна финансиска поддршка на небанкарските финансиски и микрофинансиски институции, како и на малите бизниси во Северна Македонија. Иницијативата е резултат на повеќегодишна меѓународна соработка на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија и на контактите остварени за време на МикроБалканс 2026.
Проектот е поддржан од Европската комисија и од Cassa Depositi e Prestiti (CDP), а го имплементира Banca Etica. Неговата цел е да ја унапреди финансиската инклузија и да го олесни пристапот до финансии за микро, малите и средните претпријатија во Западен Балкан. Иницијативата опфаќа шест земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија – со посебен фокус на социјалните претпријатија и на бизнисите управувани од жени и млади.
Според објавените детали, Cassa Depositi e Prestiti е водечки партнер во иницијативата и обезбедува кредитна линија за Banca Etica, како и гарантен механизам за покривање на дел од потенцијалните загуби. Европската комисија, преку Генералниот директорат за проширување и Источно соседство (DG ENEST), обезбедува поддршка преку гарантен фонд за првични загуби, субвенционирање на каматните стапки и техничка помош. Banca Etica, како партнер за имплементација, ги пласира средствата до локалните микрофинансиски институции. Кредитното портфолио на иницијативата изнесува 30 милиони евра.
На регионалниот панел во Сараево посветен на одржливиот пристап до финансии ќе учествува Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија, заедно со претставници на микрофинансискиот сектор од Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.
За микрофинансискиот сектор во Северна Македонија, иницијативата SAFE претставува можност за нови извори на финансирање, за посилни партнерства и за поголема финансиска инклузија во Западен Балкан. Преку комбинацијата на кредитна линија, гарантен механизам и субвенционирани каматни стапки, проектот треба да им овозможи на локалните микрофинансиски институции полесно да ги пласираат средствата до крајните корисници – малите претприемачи, со што се создаваат услови за поширок пристап до капитал за делови од бизнис-секторот кои традиционално потешко доаѓаат до банкарско финансирање.