Нова програма за достоинствена работа: Владата, синдикатите и работодавачите потпишаа договор со МОТ за 2026–2030

Владата на Република Северна Македонија, организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030, со што ја потврдија заедничката заложба за инклузивен економски раст, квалитетни и продуктивни работни места и посилни институции на пазарот на трудот.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по потпишувањето изјави дека со овој чекор се потврдува определбата за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места. Тој ги наведе приоритетите на програмата: унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на трудот, поголемо вклучување на младите и жените и намалување на неформалната економија. Дурмиши нагласи дека во партнерство со Меѓународната организација на трудот и социјалните партнери продолжуваат реформите за подобри услови за работа и посилна економија, а успехот на програмата ќе се мери преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите, бидејќи целта е достоинствената работа да стане реалност за секој граѓанин.
Програмата е изработена преку трипартитни консултации и обезбедува рамка за соработка меѓу МОТ и нејзините трипартитни конституенти во Северна Македонија. Таа е усогласена со Рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој (UNSDCF) 2026–2030, придонесувајќи кон остварувањето на нејзиниот стратешки приоритет за одржлива економија и достоинствена работа. Програмата, исто така, ги поврзува реформите на пазарот на трудот со пошироката агенда на земјата за одржлив развој и со целите за европска интеграција.
Клер Харасти, директорка на МОТ за Централна и Источна Европа, изјави дека преку заедничка посветеност и заложба може да се изгради поинклузивен, попродуктивен и поотпорен пазар на трудот. Според неа, со заедничка работа можат да се создадат квалитетни работни места, да се зајакнат институциите на пазарот на трудот, да се поддржи развојот на одржливи претпријатија и да се остварат фундаменталните принципи и права при работа.
Како што беше наведено, светот на работата во Северна Македонија се менува. Иако земјата бележи континуиран напредок во социо-економскиот развој, недостигот на работна сила, демографските промени и емиграцијата, неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на вештини, како и ниското учество на жените на пазарот на трудот, остануваат предизвици со кои новата програма треба да се справи.