FinPortal.mk

Нова канализација и пречистителни станици во Преспанскиот регион — чиста средина и подобар живот за над 1.500 жители

FinPortal.mk  · 
Нова канализација и пречистителни станици во Преспанскиот регион — чиста средина и подобар живот за над 1.500 жители

Во Преспанскиот регион се целосно завршени околу 35 километри канализациска мрежа, а во завршна фаза е изградбата на шест пречистителни станици за отпадни води. Овие инфраструктурни проекти се реализирани преку Програмата „ЕУ за Преспа“, која е финансирана од Европската Унија и се имплементира од Програмата за развој на Обединетите нации, во партнерство со националните и локалните институции.

Канализациската мрежа е изградена во населените места Претор, Стење, Крани, Долно Дупени и Брајчино. Пречистителните станици за отпадни води се градат во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и Сливница, а според планот треба да бидат функционални до крајот на 2026 година. Со овие инвестиции значително ќе се намали загадувањето и испуштањето отпадни води во преспанскиот регион, што е од клучно значење за заштитата на Преспанското Езеро.

Од новата инфраструктура директно ќе имаат придобивка повеќе од 1.500 жители. Покрај подобрувањето на комуналните услови и квалитетот на живот, инвестициите имаат и значајна еколошка цел — подобра заштита на Преспанското Езеро. Ова го истакна Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, кој нагласи дека правилното собирање и третман на отпадните води значат почиста животна средина и подобри услови за развој на локалните заедници.

Еваут Сандкер, раководител на сектор при Делегацијата на Европската Унија, изјави дека Програмата „ЕУ за Преспа“ е добар пример за сеопфатен пристап кој отвора можности за Преспанскиот регион во насока на обнова на природните ресурси, одржливо земјоделство и туризам, како и унапредување на инфраструктурата за подобро справување со идните климатски промени. Според него, Европската Унија инвестира во инфраструктура која има директно влијание врз подобрувањето на секојдневниот живот на луѓето, но и врз иднината на Преспа.

Како дел од инфраструктурните подобрувања, поддршка добива и ЈПК „Пролетер“, преку обезбедување на нови возила за собирање отпад, канти за домаќинствата, како и софтверска и ИТ опрема. Со овие инвестиции се придонесува кон модернизирање на комуналните услуги и создавање поефикасен систем за управување со отпадот.

Во рамки на посетата на регионот беше разгледан и напредокот на изградбата на граничниот премин Маркова Нога, кој е финансиран од Програмата „ЕУ за Преспа“ и каде што градежните активности се во завршна фаза. Инфраструктурната компонента на оваа интегрална програма е дел од поширокиот пристап за одржлив развој на Преспа, кој ги поврзува подобрувањето на инфраструктурата, заштитата на природните ресурси и создавањето услови за долгорочен развој на локалните заедници.