Нова инвестиција од 25 милиони евра: „Страиште“ ќе наводнува 1.500 хектари во Валандовско
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Со инвестиција вредна 25 милиони евра започнува третата фаза од системот за наводнување „Страиште“, која ќе опфати 1.500 хектари земјоделско земјиште во валандовскиот регион. Од проектот, како што беше соопштено, корист ќе имаат околу 6.000 земјоделци. Почетокот на реализацијата беше означен денеска во населеното место Пирава, во општина Валандово, на настан на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев. Проектот предвидува изградба на 70 километри цевководна мрежа под притисок, поставување околу 500 хидранти и изградба на нова пумпна станица. Системот ќе овозможи наводнување капка по капка, попрецизно дозирање и поекономично користење на водата, што треба да придонесе за постабилни приноси и поквалитетно производство, особено во сушните периоди. Министерот Серафимовски посочи дека, покрај инфраструктурата, проектот опфаќа и советодавна поддршка и практични обуки за земјоделците. Тие ќе добиваат стручни препораки за приспособување на наводнувањето според влажноста и својствата на почвата, временските услови и потребите на земјоделските култури. Според него, инвестицијата треба да придонесе за посигурно земјоделско производство, подобра заработка за земјоделците и развој на преработката, складирањето и трговијата во валандовскиот регион. Системот „Страиште“ се надоврзува на првите две фази од проектот „Вардарска долина“ и претставува продолжување на соработката со германската развојна банка КфВ.