FinPortal.mk

26.10.2026 - НЛБ Банка АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 

НЛБ Банка АД Скопје, системски значајна банка во Република Северна Македонија, во првите девет месеци од 2026 година остана силно фокусирана на реализација на стратешките приоритети дефинирани во Стратегијата 2030, со фокус на развој на основната банкарска активност, дигитална трансформација, модернизација на деловната мрежа, одржливо финансирање и унапредување на клиентското искуство. Активностите беа насочени кон создавање долгорочна вредност преку профитабилен и одржлив раст, ефикасно управување со ризиците и одговорно користење на капиталот, се наведува во анализата на финансиските резултати за периодот 1.1 – 30.9.2026 година.

Деловното опкружување остана стабилно и отпорно, поткрепено со солидна економска активност. Реалниот раст на БДП забрза од 3,1% во првиот квартал на 4,3% во вториот квартал од 2026 година, додека стапката на невработеност изнесуваше 11,3%. Инфлациските притисоци покажаа знаци на забавување, при што годишната стапка на инфлација изнесуваше 2,7% во септември 2026 година. Надворешното окружување сепак остана извор на неизвесност, при раст на извозот од 10,3% и увозот од 11,0% заклучно со август, проследено со зголемен трговски дефицит.

Според анализата на билансот на состојба, на 30.09.2026 година вкупната актива на Банката достигна 159,4 милијарди МКД, што претставува раст од 13,1% во однос на истиот период од претходната година и 1,6% во однос на крајот на 2025 година. Кредитите и побарувањата од други комитенти достигнаа 111,0 милијарди МКД, што претставува значителен раст од 18,7% на годишно ниво и 8,3% во однос на крајот на 2025 година. Кредитирањето претставува главен двигател на зголемувањето на активата, што е во согласност со долгорочната деловна ориентација на Банката, според која растот на кредитното портфолио е еден од клучните двигатели на билансниот раст.

Кредитите кон нефинансиските друштва бележат годишен раст од 19,4%, потврдувајќи ја континуираната кредитна поддршка на корпоративниот сектор.

Кредитите кон домаќинствата бележат годишен раст од 9,8%, поддржан од растот на станбените кредити и потрошувачките кредити од по 10,0%.

Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 25,3 милијарди МКД, со годишен раст од 14,8%.

Вложувањата во хартии од вредност се намалени за 12,3%, на 17,5 милијарди МКД.

Во текот на третиот квартал од 2026 година Банката продолжи со инвестициите во модернизација на работењето и унапредување на достапноста и квалитетот на услугите. Продолжија активностите за модернизација на деловната мрежа и имплементација на современи дигитални концепти, насочени кон унапредување на клиентското искуство. Истовремено, продолжија активностите поврзани со NLB Next и понудата на дополнителни поволности за младите клиенти и корисниците на НЛБ картичките.

Паралелно, Банката продолжи да ја развива соработката со различни клиентски сегменти и локалната заедница. Во септември 2026 година беше воспоставена поблиска соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија преку Меморандум насочен кон придонес за поголема финансиска сигурност, информираност и едукација на пензионерската заедница.

Во областа на одржливото финансирање продолжија активностите за поддршка на зелената транзиција. Во август 2026 година, Европската банка за обнова и развој ѝ одобри на Банката зелен финансиски кредит во износ од 4 милиони евра во рамки на програмата GEFF III REPower за Западен Балкан, наменет за финансирање на зелени инвестиции во станбени објекти.

Активностите на Банката беа проследени и со меѓународни признанија. НЛБ Банка го доби признанието „Најдобра банка за физички лица во Македонија“ од Euromoney Awards for Excellence 2026, а во септември Банката се стекна и со сертификатот „Top Employer 2026“ од Top Employers Institute, како меѓународно признание за примената на високи стандарди во управувањето со човечките ресурси и работното искуство.

Согласно правилата за котација на Македонска берза АД Скопје, НЛБ Банка Скопје како издавач се наоѓа на под сегментот Задолжителна котација и нема обврска за објава на финансискиот план.