Нјороге славеше на Скопскиот маратон, Ивановски на подиумот со трето место

Скопје денес повторно живееше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта. Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.
На маратонот, Кенија го освои првото и второто место во машка конкуренција. Дерик Чеге Нјороге беше најбрз со време од 2:12:56, додека Едвин Кимару Косгеј заврши втор со 2:13:20. Третото место му припадна на македонскиот маратонец Дарио Ивановски, кој истрча 2:13:48 и со тоа обезбеди место на подиумот за домашната атлетика.
Кај жените, Кенијките ги освоија сите три места на подиумот. Долфин Кемунто Нјагака со време од 2:32:05 постави нов рекорд во женска конкуренција. Втора беше Мерси Џебичии Кипкемои со 2:39:39, а третото место ѝ припадна на Естер Чесанг Какури со 2:40:18.
Кенија го презеде врвот и на полумаратонот, каде што нејзините натпреварувачки ги освоија сите три места во женска конкуренција. Победата ја однесе Валентин Џебет со 1:13:15, пред Чарен Чепкепмои со 1:15:08 и Нанси Гитаига со 1:17:24. Во машка конкуренција, исто така, на подиумот се најдоа исклучиво кениски тркачи: најбрз беше Кенеди Кипкемои Роно со 1:05:26, втор Хилари Киптум Мајјао Кимајо со 1:06:11, а трет Џон Њугуна Курија со 1:06:59.
На најкратката трка, на 5 километри, домашните натпреварувачи го освоија врвот во двете конкуренции. Кај мажите, најбрз беше Андреј Арсов со 16:28, пред Гилман Јунуза со 16:35, додека третото место му припадна на Швеѓанецот Фредрих Урбон со 16:43. Во женска конкуренција триумфираше Хајдари Ирма со 19:43, втора беше Емили Ивановска со 20:53, а третото место го освои Црногорката Лана Ивковиќ со 21:00.
Но, денешниот маратон не го одбележаа само резултатите. Скопските улици беа полни со учесници на маратонот, полумаратонот, трката на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетната трка. Се трчаше во друштво, со семејството и пријателите, но и покрај илјадници луѓе со кои учесниците можеби за првпат се сретнаа токму денес. Меѓу нив имаше искусни маратонци, рекреативци, учесници од сите генерации, но и бројни странски гости и туристи кои викендот во Скопје го искористија и за да бидат дел од маратонот и да го почувствуваат градот во неговото најдобро издание.
Виз Ер Скопскиот маратон со ова издание потврди дека расте не само по број на учесници, туку и по квалитет на натпреварувањето. Рекордните 15.050 тркачи од 63 земји се показател дека Скопје се етаблираше како значајна дестинација на маратонската карта, а присуството на кениските тркачи, кои доминираа во машката и во женската конкуренција на маратонот и на полумаратонот, дополнително го подигна нивото на настанот. За домашната атлетика, пак, третото место на Дарио Ивановски на маратонот и победите на Андреј Арсов и Хајдари Ирма на трката на 5 километри претставуваат потврда дека македонското трчање има свои претставници кои можат да се носат со меѓународната конкуренција.