Ниска вакцинација против сезонски грип кај бремените жени и децата, најголем интерес кај постарите од 65 години

Интересирањето за вакцинација против сезонскиот грип во Македонија и натаму е најмало кај бремените жени и кај децата, кои се вбројуваат во ризичните групи, додека најголем интерес покажуваат возрасните над 65 години и хронично болните лица. Оваа состојба, како што беше истакнато, се повторува со години наназад и претставува загрижувачки факт во однос на заштитата на најчувствителните категории граѓани.
Според д-р Филип Доксимовски од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, стапката на примени вакцини против сезонски грип кај бремените жени и кај децата во државата сè уште е ниска, но со годините се забележува тренд на зголемување. Тој потсети дека вакцината е бесплатна за децата од шест месеци до пет години и дека лекарите секогаш препорачуваат таа да се прими, како и за децата со хронични болести.
„Вакцината, како и секоја друга вакцина, штити од најтешките форми на болеста. Сезонскиот грип најчесто се јавува со респираторни симптоми, но може да се појават и невролошки и системски симптоми кај инфекцијата со грип, така што оваа вакцина штити од најтешката клиничка слика“, изјави д-р Доксимовски.
Во овој период од годината, како што објасни тој, најчести се амбулантските прегледи на деца со респираторна симптоматологија, а бројот на таквите прегледи на клиниката „Козле“ се зголемува, што е очекувано за сезоната. Засега, сепак, сè уште нема изолирано случај на грип.
Доксимовски наведе дека хоспитализираните деца се со долнореспираторни инфекции и пневмонии, било од вирусна или од бактериска етиологија, а некои од нив бараат и кислородна поддршка. „Не е ништо што не би очекувале за овој период од годината“, додаде тој.
На прашањето колку деца во моментов се на кислородна поддршка, лекарот одговори дека во моментот има околу пет-шест деца на кислородна поддршка, но нивната состојба е стабилна.
Лекарите апелираат родителите во моментот кога ќе забележат некои од симптомите, како поизразена кашлица или покачена телесна температура, детето да го тргнат од колективот доколку е во градинка или училиште. Се препорачува детето да остане на домашно лекување и да се започне со симптоматска терапија во консултација со матичниот лекар, кој ќе ја следи состојбата за навремено и соодветно реагирање.
Вакцинацијата против сезонски грип останува клучна мерка за заштита на ризичните групи, а податоците за нискиот опфат кај бремените жени и децата укажуваат на потребата од поголема информираност и поттик за имунизација токму кај овие категории, кои според лекарите се најизложени на тешки форми на болеста.