FinPortal.mk

Никовски: Брисел нема намера да ја прими Македонија додека не се откаже вториот протокол

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Никовски: Брисел нема намера да ја прими Македонија додека не се откаже вториот протокол

Ако малку подлабоко се анализираат политиките на Брисел во сите овие 35 години, јасно ќе се види дека Унијата нема намера да ја прими Македонија. Тоа е оценката на Ристо Никовски во неговата колумна, во која тврди дека преговарачката рамка е главен доказ за таквата политика и дека со неа Македонија никогаш нема ни да се приближи до Брисел, камоли да стане членка.

Според Никовски, рамката воопшто не е случајна и не е скроена само врз бугарски историски синдроми. Тој потсетува дека таа беше подметната како „француски предлог“, а Париз воопшто не крие дека стои зад рамката, која ја оценува како тотално нелегална. Претходно, како претседавачи со ЕУ, слично се однесувале и Германија и Португалија, што според него е веќе некаков консензус против Македонија.

Причините за таквата политика на ЕУ, пишува Никовски, воопшто не се случајни: влеземе ли во ЕУ како Македонци, дефинитивно се затвора „македонското прашање“. Тоа би била симболична, но и трајна потврда од 27 европски држави дека има одвоен македонски народ и автохтон македонски јазик, што никој потоа нема да може да ги негира. Токму тоа е суштината зошто се спречува нашето членство, смета колумнистот.

По прогласувањето независна македонска држава, клучната намера на главниот меѓународен фактор беше, и сѐ уште е, дефинитивно затворање на „македонското прашање“ — но со бришење на Македонците, а не со нивно прифаќање. По распадот на СФРЈ, токму заради реализација на таа цел, како што наведува Никовски, бевме секојдневно исправени пред голготи: непризнавање, блокади, ултиматуми и уцени. Таквото сценарио беше замислено во Вашингтон, а Брисел целосно го поддржуваше и го поддржува.

Врз основа на таа намера е и сегашното финале, оценува тој: со агресивен притисок наместо во ЕУ, Македонците да бидат побугарени. Во дипломатијата и политиката, нагласува Никовски, ништо не е случајно. Во истиот контекст, Брисел никогаш не го користи терминот „македонски народ“, а да не зборуваме за „Македонци“, додека изразот „македонски јазик“ максимално го одбегнува.

Како потврда за ова, тој ги наведува и последните изјави на европските претставници. Пред некој ден во Скопје, Фон дер Лајен во лице ни плесна со пораката дека „ние ќе ѝ посакаме добредојде на (С.) Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик“, додавајќи дека веруваат оти македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата унија побогата. Барем засега, заклучува Никовски, јазикот, културата, црквата и Владата не можат да ги игнорираат, но прашањето останува зошто Македонија никогаш нема да влезе во Унијата ако не го откаже вториот протокол.