Николова: Вториот ребаланс ги намалува парите за училишта, спортски сали и ученички домови

Пратеничката од СДСМ Даниела Николова на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет оцени дека вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година е показател за погрешните проекции и недостигот од јасна развојна стратегија на Владата предводена од ВМРО. Според неа, наместо да ги заштити инвестициите што се важни за граѓаните, власта ги намалува средствата за образование, реконструкција на училиштата и подобрување на студентскиот стандард.
Николова посочи дека последиците од ваквото буџетско планирање директно ќе се одразат врз условите за учење и живот на учениците и студентите. Таа особено ја истакна структурата на кратењето во образованието, наведувајќи дека вкупниот буџет на Министерството за образование и наука се намалува за 185 милиони денари во однос на последниот одобрен буџет.
Според изнесените податоци, програмата „Инвестиции во образованието“ се намалува за 31 отсто, односно за 374 милиони денари, и се сведува на само 824 милиони денари. Во потпрограмата за изградба на училишни спортски сали во основните училишта средствата се намалуваат од 185 на 35 милиони денари, што, како што рече Николова, е сериозно намалување на парите што треба да овозможат подобри услови за физичко образование и спорт на децата.
Николова нагласи и дека во потпрограмите коишто се однесуваат на инвестициите во образованието за реконструкција на основните училишта има за 58,3 отсто помалку средства од она што го предвидува буџетот за 2026 година. Кај реконструкцијата на средните училишта средствата се намалуваат за 60,4 отсто.
Пратеничката алармираше и дека драстично е кратењето на средствата за реконструкција на ученичките домови, каде намалувањето изнесува 93,4 отсто. Од првично предвидените 5 милиони денари, како што посочи, остануваат само 331.000 денари.
Николова заклучи дека квалитетното образование не може да се обезбеди само со декларативни заложби, туку бара конкретни инвестиции во објектите и условите во кои учат децата. Според неа, ваквото буџетско планирање покажува недостиг од јасна развојна стратегија и директно ги загрозува инвестициите значајни за граѓаните.