Николоски во Брисел: Коридорите 8 и 10 се стратешки приоритет за Македонија

Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на глобалниот настан „Денови на поврзување на Европа“ што се одржува во Брисел изјави дека изградбата на автопатите и железницата претставува стратешки приоритет за Македонија. На панелот посветен на Западен Балкан – Источен Медитеран, тој го потенцираше политичкото и економското значење на европските коридори 8 и 10 што поминуваат низ земјата.
Николоски потсети дека Македонија е балканска земја која нема излез на море, поради што реализира огромни инвестиции во развој и модернизација на двата европски коридори. Тој нагласи дека Владата работи на изградба на автопати на Коридорот 8, како и на изградба на железница на источниот дел од овој коридор. Паралелно, како што рече, започната е изградба на брза пруга на Коридорот 10, а се работи и на воведување на ИТС системи на патниот дел. Заедно со соседите, додаде тој, се работи и на проширување на граничните премини.
„На Коридорот 8 на источното крило, инвестираме во автопати и железницата. На автопатскиот дел го завршивме првиот дел, а вториот дел очекуваме да започне следната година заедно со Европската Унија и Европската инвестициска банка како водечка финансиска институција, за што благодарам за одличната соработка“, изјави Николоски. Тој посебно се осврна на железничкиот дел од Коридорот 8, кој се состои од три делници. Првата делница е завршена, втората е во изградба и треба да биде завршена до крајот на 2028 година.
Минатата недела, повторно заедно со Европската инвестициска банка, започнала постапката за набавка за избор на изведувач за изградба на третата делница, која претставува најтешката фаза од железничкиот коридор. Таа е со должина од само 23,1 километар, но 75 отсто од неа се објекти — над 20 тунели и 56 мостови, што покажува колку е тежок проектот. Делницата минува зад еден пограничен град и влегува во заедничкиот тунел што ќе го градиме заедно со Бугарија.
Николоски оцени дека ова е една од ретките позитивни вести што ги имаме во моментов со Бугарија. Минатиот ноември, како што потсети, е потпишан заеднички меѓувладин договор за изградба на овој прекуграничен тунел кој треба да го отвори целиот Коридор 8. Доколку сè оди по планот, за пет години од изборот на изведувач, до 2031-2032 година, треба да имаме целосна железничка врска меѓу Скопје, Софија, Бургас, Варна и Одеса.
На западната страна, како што наведе заменик претседателот на Владата, се работи со Европската Унија и партнерите за реконструкција на постојната железница и изградба на делот што нè поврзува со Албанија. Тој оцени дека Албанија исто така прави одлична работа и инвестира многу и во автопати и во железницата. Со тимска работа, заклучи Николоски, регионот може да го искористи стратешкиот потенцијал на овие коридори.