Николоски побара германските компании во земјава да лобираат кај Берлин за визите на транспортерите
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска повторно го акцентираше проблемот на превозниците со визниот режим во шенген-зоната и изрази надеж дека Германија, но и останатите земји членки, ќе го следат примерот на Швајцарија и Хрватска во однос на воспоставувањето билатерални договори. На средбата организирана од Македонско-германското стопанско здружение во Скопје, Николоски упати молба до членовите на здружението за заедничко дејствување во насока на што поскоро отстранување на бариерата со визите и престојот на транспортерите. Николоски потенцираше дека веќе 11 месеци превозниците имаат сериозни проблеми со новиот систем „егзит-ентри“ и дека во повеќето шенген држави, вклучително и Германија, сè уште се третираат како туристи, што е далеку од реалноста бидејќи не можат да останат повеќе од 90 дена во рамки на 180 дена. Според него, со уште неколку земји преговорите за решение се во напредна фаза, а Словенија, Германија, Австрија и Унгарија се некои од земјите со кои треба да се склучат билатерални договори. „Ние можеме да зборуваме доста за инвестиции, да разменуваме мислења, ама на крајот на денот, ако стоката што се произведува тука и во целиот регион не може да стигне до крајната дестинација, тогаш сè е бескорисно. Влегуваме во 11-ти месец како нашите превозници имаат сериозни проблеми со новиот ‘егзит-ентри’ систем што се воведе. Сè уште во најголем број од земјите членки на шенген-зоната, вклучувајќи ја, за жал, и Германија, сè третираат како туристи што е далеку од она што е реалност и не можат да останат повеќе од 90 во рамки на 180 дена“, истакна Николоски во обраќањето на средбата. Министерот за транспорт наведе дека во овие 11 месеци има интензивна комуникација со Европската комисија и сподели две искуства — едно позитивно и едно резервирано. Како позитивно го оцени тоа што уште во февруари Европската комисија излезе со новата визна стратегија со која возачите се препознати како професионалци, исто како пилотите и машиновозачите