Николоски: Нема политички договор со Бугарија за случајот со Ива Михаилова, координацијата е на страната на опозицијата

Нема политички договор меѓу Македонија и Бугарија во врска со случајот со Ива Михаилова, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој ги отфрли тврдењата на опозицијата дека заминувањето на Михаилова во Бугарија било однапред договорено. Според Николоски, токму опозицијата, а не власта, има координација со Софија и работи со одредени структури во соседната држава.
Во гостување на Канал 5, Николоски оцени дека опозицијата не си ја подобрува позицијата преку подигање на сопствениот рејтинг, туку преку намалување на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ. „Тие мислат дека можат да си ја подобрат позицијата не на начин што ќе го подигнат својот рејтинг, туку на начин што ќе го спуштат рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и очигледно дека работат со одредени структури во Бугарија“, изјави Николоски.
Вицепремиерот случајот со Михаилова го гледа во контекст на претстојните претседателски избори во Бугарија. Според него, станува збор за след на околности и за луѓе кои биле искористени, а потоа фрлени. „Самото тоа што нема соодветна реакција од таму зборува многу. Тоа е земја членка на ЕУ и на НАТО и има развиен систем на владеење на правото и очекувам да ги почитува меѓународните стандарди во делот на владеењето на правото и да ја испорача Михаилова“, нагласи Николоски.
Тој, како и премиерот Христијан Мицкоски, изрази уверување дека кога-тогаш правдата ќе ги стигне и Михаилова и нејзиниот татко, кој е осуден во случајот „Детонатор“. „Така што не се работи за борци за човекови права или за луѓе кои имаат идеолошки проблеми со Македонија, туку очигледно за семејство кое што има сериозни законски проблеми со државата“, посочи Николоски.
Вицепремиерот додаде дека се надева оти во иднина нема да се повторуваат вакви случаи. Претходно, премиерот Мицкоски откри детали и упати силна порака за одговорност за бегството на Михаилова, при што беше оценето дека е апсолутна лага тврдењето дека Михаилова со адвокатот легално ја преминала границата.
Случајот со Ива Михаилова останува во фокусот на јавноста, откако таа замина во Бугарија, а власта и опозицијата разменуваат обвинувања за тоа кој стои зад нејзиното заминување и какви се вистинските мотиви. Николоски категорично негираше каква било политичка заднина или договор со Софија, нагласувајќи дека координацијата со бугарските структури ја има на страната на опозицијата, која, како што рече, со такви потези се обидува да го намали рејтингот на владејачката партија.