FinPortal.mk

Николоски: Македонија е апсолутен лидер во реформите од Планот за раст на ЕУ, во ноември пристигнува нова транша од 75 милиони евра

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Николоски: Македонија е апсолутен лидер во реформите од Планот за раст на ЕУ, во ноември пристигнува нова транша од 75 милиони евра

Македонија е апсолутен лидер во спроведувањето на реформите во рамки на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, а резултатите од реформските процеси веќе се преточуваат во конкретна финансиска поддршка за државата. Ова го истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“, пренесувајќи дека во ноември се очекува нова транша од 75 милиони евра да пристигне на сметката на македонскиот буџет.

Според Николоски, со оваа нова исплата вкупните средства исплатени врз основа на спроведените реформи ќе надминат 225 милиони евра. Тој потсети дека досега во буџетот веќе се слеани преку 150 милиони евра, коишто се резултат на реформите што државата ги спроведува како дел од Планот за раст. „Ако споредите со останатите земји во регионот, бенифициите се гледаат. Вчера имавме средба со евроамбасадорот Рокас, и веќе во месец ноември 75 милиони евра треба да легнат на сметка на македонскиот буџет“, изјави вицепремиерот.

Николоски дополнително објасни дека покрај директните буџетски средства, државата користи и значителни грант компоненти во конкретни инфраструктурни проекти. Како пример ги наведе работите на патот Кичево – Букојчани, каде што се обезбедени 20 милиони евра грант, како и почетокот на работите на делницата Скопје – Блаце пред еден месец, за што се предвидени 40 милиони евра грант. Тој посочи и дека за третата фаза од железничката врска со Бугарија се обезбедени 149 милиони евра грант.

Вицепремиерот се осврна и на можноста за дополнително зголемување на финансиската поддршка за земјите од регионот што спроведуваат реформи. Според неговите очекувања, сè поизразено е разграничувањето меѓу државите што напредуваат во реформските процеси и оние кај кои тој напредок изостанува.

„Она на што јас се надевам, е дека веќе се направија две групи на земји во регионот. Едната е онаа коишто спроведуваат реформи, а тоа се: Македонија, Црна Гора и Албанија, и втората е оние коишто не спроведуваат реформи, а тоа се: Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Идејата е средствата коишто беа предвидени за овие три држави, да дојдат на страна на Македонија, Црна Гора и Албанија, каде што ние би оделе над овие 750 милиони евра, коишто сега се предвидени“, рече заменик претседателот на Владата.

Според изнесеното, вкупната рамка на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан предвидува средства во износ од 750 милиони евра за земјите од регионот, но доколку се потврди разграничувањето меѓу реформски настроените и оние што заостануваат, можно е дел од предвидените средства за трите држави што не напредуваат со реформите да бидат пренасочени кон Македонија, Црна Гора и Албанија. Тоа би значело дека вкупната поддршка за државата би можела да го надмине сега предвидениот износ.

Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставува финансиски инструмент чија цел е да ги забрза реформите и економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија, а исплатата на средствата е директно поврзана со исполнувањето на однапред дефинирани реформски критериуми. Македонија, според оценката на владините претставници, во овој процес се позиционира како еден од најнапредните партнери, што резултира со континуиран прилив на финансиска поддршка во домашниот буџет и во капиталните проекти.