FinPortal.mk

Николо Ѕаниоло самоиницијативно го напушти кампот на Италија и му откажа на Манчини

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Николо Ѕаниоло самоиницијативно го напушти кампот на Италија и му откажа на Манчини

Офанзивниот фудбалер на Удинезе, Николо Ѕаниоло, изненадувачки го напушти тренинг-кампот на италијанската фудбалска репрезентација во Коверчано само 24 часа по неговото пристигнување, со што им даде простор на медиумите да шпекулираат со различни гласини за причините за неговото заминување.

Ѕаниоло, кој откажа и во месец септември поради повреда, го доби и вториот повик од селекторот Роберто Манчини, но денеска самоиницијативно решил да се поздрави со селекторот и соиграчите, и тоа со зборовите „Морам да си одам дома“.

Второто откажување во период од неполни два месеци претставува две пропуштени шанси за некогашната ѕвезда на Рома, која вечерва преку социјалните мрежи откри дека морал да си замине поради приватен проблем.

„Заминувањето од Коверчано не беше лесно, но оваа одлука ја донесов исклучиво од лични причини. Носењето на дресот на ‚аѕурите‘ секогаш претставува гордост. Сакам да им се заблагодарам на селекторот, на стручниот штаб и на моите соиграчи за поддршката“, порача Ѕаниоло.

Тој дополнително побара да се почитува неговиот приватен живот и апелираше да не се верува на верзиите за настаните кои, како што наведе, немаат никаква врска со него. „Овој дрес ми е при срце и ќе продолжам напорно да работам секој ден, за да ја заслужам можноста повторно да го носам“, изјави фудбалерот на Удинезе.

Со оваа одлука Ѕаниоло и дефинитивно отпаѓа од комбинација за настап против Франција и Белгија. Само еден ден претходно, Манчини јавно упати апел дека Николо мора да почне да ги користи шансите во репрезентацијата, но тоа што требаше да претставува негов кам-бек на теренот во синиот дрес после повеќе од две години, сега се претвора во нова пропуштена шанса поради приватни проблеми.